Собранискиот спикер Талат Џафери тврди дека во носењето на Законот за јавно обвинителство и Законот за Советот на јавни обвинители нема проблеми во процедурата и дека неговата најава дека Законот за Советот на јавни обвинители треба да се донесе со бадинтерово, а не со просто мнозинство било негова ненамерна грешка.
-Воден од претходните седници дека две законски решенија беа изгласани со бадентерово мнозинство реков да се подготват за гласање со Бадинтер, но кога го гледав сценариото официјално, сфатив дека сум во грешка. Најнормално е човек во таква атмосфера, во такви услови да направи грешка, тоа не е нешто од кое произлегле последици. Законот беше изгласан без Бадинтер, така како што е пропишано. Ова беа измени и дополнувања на Законот, основниот закон се донесе без Бадинтер, и измените беа донесени без Бадинтер. Тоа може да се провери со листингот. Да, јас згрешив, не е крај на свеот ако кажам дека згрешив. Во три години и јас имам право на грешка, рече Џафери.
Во однос на Законот за јавно обвинителство, кој беше донесен по повторено гласање, Џафери вели дека морал да го поништи гласањето оти имало пратеници кои реагирале дека не гласале.
-Законот за ЈО е донесен во соодветна процедура и доколку на лице место се утврди дека пратениците се внатре и регаираат дека не го оствариле своето право, моја обврска е да ја поништам постапка за да овозможам да ја изразат својата волја. Од таа причина јас го поништив гласањето и озовможив повторено гласање, тврди Џафери
Викендов Собранието го донесе Законот за јавно обвинителство и неколку други битни закони, но останаа и над стотина закони кои пратениците не ги изгласаа пред да се рапуштат и да почнат да се подготвуваат за изборите на 12 април.