Техничкиот премиер Талат Џафери денеска на прес-конференција, на прашање во врска со протестите на петте државни универзитети, рече дека на закажани избори не се потпишуваат колективни договори. Појасни дека секој има право на протест и штрајк, но решението за оваа ситуација, како што кажа, ќе се бара по изборите.
Членовите на синдикатите на петте државни универзитети „Гоце Делчев“- Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Државен Универзитет во Тетово, „Св. Апостол Павле“ и „Мајка Тереза“ во Скопје во понеделникот на мирен протест побараа потпишување на колективен договор на овие универзитети и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.
Сметаат дека се игнорирани и дискриминирани од Владата и Собранието во однос на УКИМ, чии вработени со потпишаниот колективен договор од овој месец добија зголемување на платите.
– Решението е да се чека да се завршат изборите. Собранието е основач. Собранието ниту е политичка партија, ниту е личност. Собранието е државна институција и тоа највисок орган. Во кој било формат после изборите продолжува процедурата започната по однос на барањата. Кој и да е претседател на Собранието и кој и да е составот на наредното мнозинство ќе мора да го овласти претседателот на Собранието затоа што актуелниот после избори физички нема време тоа да го прави. Во време на избори не може да пристапи кон ова, значи решението е да продолжи постапката по изборите. Имајќи предвид дека искуствено оние слабости што ги имаше барањето на УКИМ веќе се надминати затоа што имаа сите примерок од содржината како треба да изгледа целината на договорот го имаа од УКИМ како пример, им го дадов уште таму кога беа кај мене, така што полесно ќе може да се заврши процедурата – рече Џафери.