Џафери за „Фокус“: Ќе биде добро Апасиев да ги прифати сугестиите за албанскиот јазик

by fokus

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во интервју за неделникот „Фокус“ зборува и за односот со претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев. Вели дека вербалните судири кои ги имаат во Собранието можеби се и потребни за да се скрши атмосферата.

Сепак, Џафери му замерува на Апасиев за односот кон албанскиот јазик, односно кон двојазичноста. Откри дека во една прилика му било укажано дека тој однос не смее да продолжи.

ФОКУС: Кога сме кај Левица, често имате интересни вербални судири со нивниот претседател Апасиев. Каков ви е односот со него?

Џафери: Првиот говор што го имаше во Собрание, ме нарече Че Гевара. Ако веќе тој дели такви титули, прифаќам, додека себеси се смета за Фидел Кастро. Можеби во момент е потребно да се направи и таков упад, да се крши таа атмосфера, но е во рамки на она што е обострано прифатливо во смисла на шега.

Но, односот спрема мене е однос претседател спрема пратеник, претседател на партија. Ги има сите права како секој пратеник и нема никаква пречка.

ФОКУС: А, во однос на идеолошките разлики?

Џафери: Ние немаме причина да имаме непријателства во смисла на она што идеолошки има таков наплив. Секако, има и испади кои не се во ред. Во смисла на перцепцијата и јавното искажано апропо јазикот (албанскиот) и другите нешта. Нормално, за ова во друга прилика му е укажано и му е скренато внимание дека тоа не смее да го прави. Ако влеземе во такви води, некој друг некому да му возврати, каде не води таа реторика?

ФОКУС: На што конкретно мислите?

Џафери: Па знаете, односот кон албанскиот јазик. Или чинот на кинење на двојазичниот документ. Односот кон нештата што се однесуваат на меѓуетничките односи.

НИКОЈ НЕ СМЕЕ ДА НАВРЕДИ НА ЕТНИЧКА ОСНОВА

ФОКУС: Тој ги прифати забелешките кога му беше укажано?

Џафери: Ќе биде добро и корисно да ги прифати сугестиите. Оти во друга ситуација може да се најде во незгодна ситуација во однос во другите пратеници. Тоа фактички треба на секој од нас да ни е јасно дека не може да се има таков испад.

Без оглед кое ти е чувството, но ако оди на релација на јавно искажано, очекувај реакција, соодветно некој да ти одговори. Иако тоа не треба да се случи. Затоа апелот до сите е да се води сметка по однос на меѓуетничките односи, оти никој не смее никого да навреди на таа основа.

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО, ТАЛАТ ЏАФЕРИ, ПРОЧИТАЈТЕ ГО ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ „ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

К.С.Б.

Поврзани новости