Претседателот на парламентот Талат Џафери на денешното одбележување на 24-годишнината од геноцидот во Сребреница изрази надеж дека Балканот повеќе нема да биде „буре барут“ и дека регионот се менува кон подобро.
– Да се биде денес тука, на ова тажно место, место кое одекнува со тишина која е погласна од најголемиот татнеж е болно чувство. Тагата и болката се чувствуваат во секој здив што се зема, на секој чекор што се прави на ова тло. Сепак, треба да се биде силен и да се направи достоинствен чекор, да се оддаде почит на жртвите, на знајните, на незнајните, на откриените и се уште неоткриените за да покажеме на дело дека сме свесни за огромната човечка трагедија, да покажеме дека имаме човечка и морална одговорност и почит, да се охрабриме и заложиме за никогаш да не се заборави, никогаш да не се заборави за никогаш повеќе да не се повтори – рече Џафери.