Талат Џафери: Владата функционира целосно и непречено

by Fokus

Премиерот Талат Џафери во интервју за „Дојче Веле“ се осврна на предложените промени во составот на техничката Влада која тој ја предводи при што истакна дека Владата функционира целосно и непречено, а во рамки на надлежноста.

„Владата функционира потполно. Преземени се активности и мерки по однос на решавање на статусот на дел, односно на членови на Владата соодветно на процедурата која е пропишана и надлежностите дадени со Устав“, изјави премиерот Талат Џафери во интервју за „Дојче Веле“.

Премиерот Џафери во интервјуто воедно потенцираше дека не може да коментира изјави на членови на Влада кои си ги даваат од име на партиите и како членови на партиите, посочувајќи дека негов примарен фокус се надлежностите кои ги има како претседател на Владата на Република Северна Македонија.

„Јас сум претседател на Владата и одговорам за Владата. Јас водам сметка да ја водам Владата по однос на она што се законите, прописите и процедурите и функционирањето на Владата“, беше дециден премиерот Џафери.

Прашан каква е соработката со министрите од опозицијата, премиерот Џафери потенцираше дека односот е соодветен и колегијален, и дека сите членови на Владата без оглед на тоа од кој субјект доаѓаат ги имаат истите права и обврски и секако го имаат истиот третман.

„Без оглед на она што се позиционо определени, односно како дел од опозицијата се влезени во Владата, како дел од пржинскиот договор, тие се членови на Влада со полно право и надлежност да спроведуваат она што е работа на Владата“, истакна премиерот Џафери во интервјуто за „Дојче Веле“.

 

Поврзани новости