Џафери треба да се изјасни за иницијативата за референдум на ВМРО-ДПМНЕ

by Fokus

Претседателот на Собранието Талат Џафери се очекува денеска да ја разгледа иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за одржување референдум за поништување на Договорот со Бугарија. Официјалните информации од Кабинетот на Џафери се дека тој денеска ќе биде на работа и оти ќе информираат во врска со неговата одлука за инцијативата. Доколку таа добие „зелено“ светло, тогаш тој треба да ја проследи до Законодавно-правната комисија и матичната комисија, а тие треба да се изјаснат за нејзината уредност во рок од два работни дена, согласно член 191 став 2 од Деловникот на Собранието.

Ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е уредна, за тоа го известува овластениот предлагач, во случајот ВМРО-ДПМНЕ, во рок од три дена од добивањето на мислењето од работните тела. Согласно член 192 став 2, ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата се става на дневен ред на првата наредна седница. Собранието со заклучок утврдува дали иницијативата е уредна. Претседателот на Собранието го известува овластениот предлагач за заклучокот на Собранието во рок од три дена. Ова е предвидено во Деловникот за работа на Собранието. Во јавноста веќе се појавија информации дека можеби Џафери нема да ја прифати иницијативата, и обвинувања од опозицијата дека зад тоа ќе стојат владејачките партии.

Во медиумите беше објавена фотографија од документот на иницијативата доставен до Собранието, на која се гледа дека таа се доставува до претседателот на Собранието Талат Џафери, без да се наведе „на Република Северна Македонија“.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на прашање во врска со процедурата за поднесување на иницијативата во Собранието, рече дека доколку сметаат дека е пречка, ќе ја корегираат.

Според Мицкоски власта е исплашена од мобилизација на народот и консолидирање на антивладино расположение кое, како што вели, постои.

Вицепремиерот за европски парашања Бојан Маричиќ синоќа изјави дека нема да има никаква смисла ниту цел одржување референдум, кога без разлика на исходот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не планира да гласа.

-Само еден референдум има смисла – дали сте за членство во ЕУ или не, сите други прашања се заобиколување на единственото вистинско прашање, рече Маричиќ.

Прашањето за референдум, посочи тој, е навистина сериозно и жалам што ВМРО-ДПМНЕ на таков начин го отвори.

 

Поврзани новости