Ако оди се како што е договорено и се одржат предвремени парламентарни избори на 12 април, Парламентот ќе се распушти на 12 февруари, а бидејќи се однапред ќе се знае и ќе биде договорено, како што вели во интервју за МИА претседателот на Собранието Талат Џафери, техничката Влада може да биде избрана истиот ден кога ќе биде констатирана и оставката на актуелниот премиер. Тоа, како што додава тој, би можело да биде и на 3 јануари 2020 година, а од 4 јануари новата преодна влада да започне да функционира.
-Формално бидејќи тоа е работа која што е прифатена од сите, не е спорно тоа да се случи на самиот ден 3 јануари, за да може во текот на денот да се спроведуваат сите постапки во однос на седниците кои треба да се одржат тој ден затоа што процедурите соодветно предвидуваат оставка на премиерот, констатирање на оставката на премиерот, известување до претседателот дека Владата е во оставка, според законот за Влада треба да се определи нов мандатар, да добие мандат, па тој мандатар да даде предлог за министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика, за тројцата заменици министри во МВР, во труд и во земјоделие, за да може да се свика седница за нивен избор и со тоа фактички до 24 часот на 3 јануари да се заокружи таа седница и од 4 јануари веќе да функционира техничка влада, посочува Џафери.
Џафери овој парламентарен мандат го оценува како можеби најтежок досега имајќи ги предвид тешките одлуки што требаше да се носат не само оваа година, туку од самиот негов избор наваму. Собранието, според него, работеше под специфични услови, почнувајќи од она што се случи во 2017 година.
-Генерално како мандат е еден од потешките, ако не и најтежок мандат во кој што се одвиваа многу работи којшто сигурно ќе остават историски белег во работата на Собранието. Доста тешки одлуки кои требаше да се реализираат и мислам дека со трпелива работа успеавме да ги надминеме, да ги слушаме сите разлики под однос на дебатата, дадовме соодветно време на сите кои што требаа да учествуваат во таа дебата, соодветно мислам дека се земаа предвид поголемиот дел од укажувањата и од спротивните ставови и со тоа фактички успеавме да го заокружиме носењето на битните одлуки и проекти кои беа пред нас, истакна претседателот на Собранието.
Во интервјуто, кое ќе биде објавено денеска претседателот на Собранието зборува и за актуелните случувања во Парламентот со бројните закони и набиената агенда, блокадите на одредени законски решенија и политичките поени што на тој начин парламентарните групи се обидуваат да ги „соберат“ пред најавените избори, стабилноста на коалицијата меѓу ДУИ и СДСМ, очекувањата од претстојните предвремени парламентарни избори и за негов евентуален нов мандат…