(Видео) Џафери – Столтенберг: Македонија наскоро ќе стане земја-членка на ЕУ

by Fokus

Во рамките на официјалната посета на Македонија, претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со Н.Е. Јенс Столтенберг, Генералниот секретар на НАТО.

На средбата присуствуваа и потпретседателите на Собранието, Горан Мисовски и Хусни Исмаили, амбасадорот на Република Северна Македонија во НАТО, Дане Талески, координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на ДУИ, Арбер Адеми, на Алијанса за Албанците, Атнан Незири и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

Претседателот Џафери, во име на пратениците на Собранието, му посака на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, топло добредојде во законодавниот дом и му се заблагодари за негувањето на посветен однос кон секоја земја-сојузник во Алијансата, но и кон земјите аспиранти. Со оваа Балканска турнеја, тоа се докажа уште еднаш. Тој го информираше соговорникот за преземените и реализираните обврски на државата како НАТО сојузник во солидарната и воена помош кон Украина, за приклучувањето кон санкциите кон Русија, како и кон осудата на територијалните претензии и анексијата на Крим од страна на Русија. Нашето Собрание беше меѓу првите кое формираше Интерпартиска парламентарна група за поддршка на Кримската платформа, преку чии активности даваме безрезервна поддршка и на меѓупарламентарен план.

Генералниот секретар Столтенберг се заблагодари на укажаната можност да сподели видувања за актуелните безбедносни предизвици, сега кога се очекува од сите НАТО сојузници цврсто да стојат рамо до рамо заедно во овој непредвидлив свет, за да се заштитат и одбранат од напади. Упати честитки до нашата земја за храброста и визијата што доведе до нејзино полноправно членство во НАТО, што овозможи не само безбедност за нејзините граѓани, туку и економска стабилност и раст на државата. Ја пофали Северна Македонија за солидарната помош за Украина, за обезбедувањето на 2% од БДП за одбраната, како и за придонесот кон НАТО мисиите, кој е високо вреднуван од страна на сите НАТО сојузници.

Соговорниците споделија очекувања дека Република Северна Македонија наскоро ќе стане земја-членка на ЕУ, покажувајќи спремност и визија сите политички фактори во земјата да придонесат во светлата иднина на граѓаните на оваа земја, на сегашните и идните генерации.

По средбата, Столтенберг се обрати пред пратениците во Собранието.

Поврзани новости