Џафери: Старите битки да бидат потсетник на новите секојдневни битки што ги водиме заедно за современа, демократска Северна Македонија

by Fokus

Споменот на старите битки кои не довеле до тоа што сме сега, треба да биде потсетник и учител за новите секојдневни битки кои ги водиме како граѓани на современа, демократска, напредна и безбедна Република Северна Македонија. Ова им го порача претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери на граѓаните во неговата честитка по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

„Од име на Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име упатувам честитки по повод државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Овој ден е споменик на револуционерната идеја која водела низ битки во кои многумина го положиле најскапоценото, животот. Затоа што знаеле дека револуцијата е раскрсница помеѓу иднината и минатото.

Тие верувале во слободна, независна, единствена и напредна држава во која секој ќе може да ја гради својата иднина и иднината на своите млади поколенија горделиво и достоинствено. За тоа била потребна и се уште е потребна пожртвуваност, верба и визија за во иднина да се уживаат плодовите на битките низ историјата. Споменот на старите битки кои не довеле до тоа што сме сега, нека биде потсетник и наш учител за новите секојдневни битки кои ги водиме во животот заедно, сплотени и единствени како граѓани на современа, демократска, напредна и безбедна Република Северна Македонија. Драги граѓани, Ви посакувам убав празничен ден, поминат во кругот на блиските и драги луѓе. Нека е честит 23 Октомври“, истакнува Џафери.

 

Поврзани новости