Не може да има два опозициски субјекти во техничката влада, рече техничкиот премиер Талат Џафери од собраниската говорница за предлогот за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу од Алијанса за Албанците.
Тој појасни дека предлогот за нивно разрешување не се однесува на нивните професионални квалификации.
„Основата за разрешување се однесува на законската должност за состав на влада според Законот за Владата. Во основите на Договорот од Пржино, учесници во Владата освен мнозинството се и припадници на најголемата опозиција во Собранието. Министрите чие разрешување се предложува, по објава на претседателот на Алијанса за Албанците на Фејсбук дека од тој момент ќе дејствуваат како опозиција и ќе ја поддржат опозицијата, се изјаснија дека стојат зад декларацијата на претседателот. Законот вели дека не може да има два опозициски субјекти во состав на Владата и тоа е основната причина за што се предлага ова разрешување“, објасни Џафери и додаде дека крајната одлука ќе ја донесе Собранието.