Џафери со апел до жените, да бидат гласни, храбри, бестрашни

by Fokus

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја свика и претседаваше со Првата пленарна седница за унапредување на родовата еднаквост на која се разгледуваше Информацијата за напредокот за родовите прашања во последните две децении во земјава.

На седницата, покрај редовниот пратенички состав, поканети беа и министерките и заменичките министерки во Владата, поранешните министерки и пратенички во периодот од 2003 година, претставниците на дипломатскиот кор и претставниците на домашните и меѓународните невладини организации.

Џафери посочи дека во законодавниот дом се усвоени исклучително значајни законски измени кои биле во насока на изедначување, подобрување, заштита, унапредување и вреднување на статусот и придонесот на жената како рамноправен член во општествената заедница за да нема дискриминација, нееднаквост, ексклузивност на мажите наспроти жените и последната новина, односно, Родово одговорното буџетирање.

Тој упати порака до сите жени – да бидат гласни, храбри, бестрашни водилки во градењето на похумано, демократско и рамноправно општество, во кое важноста, вредноста и придонесот во семејството, општеството и државата е неприкосновена, се вели во соопштението од кабинетот на Џафери.

Џафери истакна дека Клубот на пратенички е уникатен спој на моќ и здружување на различни политички сили во една и единствена опција за подобар, похуман свет и изрази почит за досега постигнатите успеси на Клубот.

На свеченоста се обратија и други присутни, а беа доделени и благодарници за дадениот придонес.

Поврзани новости