По мојот избор за претседател на Собранието сега следува избор на нова Влада која ќе ја спроведе програмата за враќање на работите во нормален колосек, изјави денеска новиот претседател на Собранието, Талат Џафери на конференција организирана од граѓанската асоцијација „Мост“.
„Во изминатиов период мнозинството во парламентот секогаш на опозицијата гледал како на политички противник кој треба да се победи а на моменти и политички да се елиминира. За жал, притоа се заборава дека токму опозицијата е таа која дава целосен легитимитет на секој парламент и без неа не може да се зборува за вистински парламентаризам и парламентарна демократија. Притоа не мислам дека не опозицијата треба само да се гледа како на некаков декор кој дава легитимитет на парламентот, туку пред се на нејзината активна улога во сите процеси кои се одвиваат во Собранието. И токму тука ја гледам најголемата слабост во досегашното практикување на парламентарната демократија кај нас“, порача Џафери.
Тој истакна дека опозицијата треба да биде свесна дека парламентарното мнозинство треба да ја спроведе и реализира својата програма бидејќи врз основа на таа програма народот му ја дал довербата да ја води државата.
„А ние според Уставот, Деловникот за работа на Собранието, како и Законот за Собрание, нормативно добро сме ги уредиле работите но ни недостасува политичка волја, ако сакате и политичка култура тоа да го спроведуваме. Затоа на моето прво обраќање во јавноста како претседател на Собранието, сакам да ветам дека тргнувајќи од моите уставно-деловнички надлежности, ќе работам токму на овие прашања и предизвици за кои зборував претходно“, рече Џафери.