Џафери се сретна со Петков: Членството на Македонија во ЕУ ќе биде во интерес на регионот

by Fokus

Бугарија вистински ќе биде дел од Европската Унија кога и останатите земји од регионот ќе се приклучат на ЕУ. Само тогаш ќе се почувствуваат сите придобивки од членството во Унијата,посочил бугарскиот премиер Кирил Петков на денешната средба со претседателот на македонскиот парламент, Талат Џафери.

Како што соопштија од Собранието, Џафери изразил особено задоволство од денешната посета, која е меѓу првите во надворешно – политичка агенда на премиерот на Бугарија, со што се покажува отвореност и спремност за внесување нови, свежи текови во политиката кон соседните земји.

Џафери ги нагласил напорите на Северна Македонија за градење добрососедски односи и регионална соработка со сите земји во регионот и пошироко, при што подвлекол ека за нашата земја е од суштинско значење подобрувањето на билатералните односи со Бугарија.

Потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји од 2017 година, како што рекол претседателот на македонскиот парламент, претставува значаен напредок во историјата на односите на двете држави и со тоа се потврдува заложбата за меѓусебно почитување и разбирање. Во однос на меѓусебната парламентарна соработка, Џафери оценил дека е потребно таа соработка да продолжи и да се динамизира преку повеќе контакти, како на највисоко ниво, така и преку соработка на ниво на парламентарните работни тела и пратеничките групи за соработка.

-Во иднина, мора да се посвети поголемо внимание на подоброто инфраструктурно поврзување меѓу двете земји преку Коридорот 8 и тоа пред сé на патното, железничкото, енергетското и дигиталното поврзување, што ќе овозможи унапредување на бизнис соработката меѓу двете земји и поголема размена на луѓе, стоки и услуги за кои постои огромен потенцијал. Коридорот 8 ќе го поврзе Црното со Јадранското море, со што ќе се надмине регионалниот контекст и ќе се овозможи поголемо влијание на регионот на светско ниво, нагласил Џафери.

Во однос на почнувањето на преговорите за членство во ЕУ, односно одржувањето на првата меѓувладина конференција, Џафери истакнал дека тоа е од исклучително значење за земјата и, според него, членството на Северна Македонија ќе биде во интерес на сите земји од балканскиот регион, особено за Бугарија.

Како што соопштуваат од кабинетот на Џафери, Петков искажал големо задоволство од посетата и од сите денешни средби и разговори. Информираше дека веќе се договорени владините работни групи и се очекува тие да имаат работни средби барем еднаш месечно.

Очекува наскоро да се воспостави авионската линија Скопје-Софија, со што ќе се овозможи подобра комуникација меѓу граѓаните од двете држави. Истакнал дека на балканскиот регион живеат околу 65 милиони жители и во едни поинакви околности, без бариери, со добри меѓусоседски односи, бизнис релациите би се унапредиле и за целиот регион би се создала една подобра слика во светски рамки. Ја поддржал иницијативата за динамизирање на парламентарната соработка и смета дека во најскоро време треба да се остварат посети на највисоко парламентарно ниво.

Поврзани новости