Претседателот на Владата Талат Џафери, денеска за време на работната посета на Битола, беше во посета на повеќе високообразовни институции. Џафери оствари средба со ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ и ги посети Педагошкиот факултет во Битола, како и Факултетот за информатички и комуникациски технологии – ФИКТ. Во Ректоратот на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола, се сретна со ректорот, проф. д-р Игор Неделковски. На средбата, премиерот беше информиран за функционирањето, тековните активности и идните планови на оваа високообразовна институција.
„Задоволство ми е што можам од лице место да се уверам во она што се основни предуслови за работа на академската фела, на професорите, особено на студентите. Одблиску видов какви се условите и разговаравме кои се можностите за понатамошната поддршка од Владата и владините институции на овие значајни институции од сферата на образованието. Зборувавме и за колективните договори, иако за тоа имаме разговарано многупати досега, и разменивме соодветни информации по однос на текот на таа конкретна активност“, изјави претседателот на Владата, Џафери.
Премиерот го посети и Педагошкиот факултет во Битола, каде оствари средба со раководството и академскиот кадар на Факултетот. На состанокот беше констатирано дека оваа високообразовна институција продуцирала генерации на учители, наставници и воспитувачи, и е институција која во континуитет се развивала, почнувајќи од академија до факултет во чекор со времето и според образовните потреби во земјава.
Премиерот Џафери го посети и Студентскиот информативен центар, кој е точка за поврзување на многу студенти со различни, слични и исти интереси и на кои им нуди широк спектар на активности, обуки, тренинзи, конференции, натпревари и слично.
Владата, изминатиот период, со донесување на нов Закон за високо образование, обезбеди повеќе права и можности за академската фела, со што ја гарантираше нивната слобода на делување и изразување, како за наставниот и научниот кадар, така и за студентите. Владата го унапреди и студентскиот стандард, а преку МОН се доделуваат повеќе различни категории државни стипендии, по различни основи.