Пратениците не може да се вратат во Собранието, зашто го вратија мандатот и не можат веќе да носат и одлуки во име на граѓаните, рече Талат Џафери во вечерашното гостување на Телевизија 24.
-Јас сум се уште пратеник, но немам право да донесувам одлуки од име на граѓаните. Воедно сум и претседател на Парламентот, но во заминување и со ограничени надлежности. Го претставувам Собранието само административно, одлуки не носам, освен тековни, административни – појасни Џафери.
Тој посочи дека за граѓаните е битно дека има соодветна институција која може да одлучува и да работи во новонастанатата ситуација.
-Пратениците немаат мандат да одлучуваат, решиле да го вратат и да не одлучуваат во име на граѓаните. Собранието не може да се распушти со одложно дејство зашто Уставот поинаку вели. Не можам ниту да свикам Собрание кое се самораспуштило. Ако имаш мандат, може да го продолжиш, но ако немаш, што ќе продолжиш? – рече Џафери.
Тој додаде дека пратениците според Изборниот законик земаат плата до конситуирање на новиот состав.