Ниту еден предлагач кој и да е, во однос на евентуални дополнувања на Законот за употреба на јазиците, нема да најде соодветна поддршка кај пратениците Албанци, имајќи предвид дека тие го сочинуваат двојното мнозинство. Во дадениот момент мислам дека таква подготвеност кај пратениците Албанци не постои, изјави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери.
– Во Собранието има група закони кои се носат со двојно мнозинство т.е. со Бадентеровото мнозинство и секој подносител на таков предлог би требало да има предвид дека конечната одлука зависи од волјата на тие што се немнозински пратеници, а во оваа ситуација имајќи предвид дека мнозинството на немнозинските пратеници или Бадентеровото мнозинство го сочинуваат пратениците Албанци, предлагачите треба да обезбедат таква согласност. Законот за употреба на јазиците е донесен со такво мнозинство и секоја измена содветно се донесува со такво мнозинство. Секој предлагач може, треба претходно да обезбеди такво мнозинство за да може да смета на поминување на законот, рече Џафери, по денешната конференција за реформите во разузнавачкиот сектор.
Според него, укажувањата од Венецијанската комисија не се обврзувачки, а донесените закони во Собранието треба да се спроведуваат се додека преку соодветна процедура на претрпат евентуална измена.
– Укажувањата на Венецијанската комисија се необврзувачки и не значи дека по автоматизам законодавниот дом треба да преземе соодветни мерки по нив. Што се однесува до укажувањето дека дел од институциите не се во можност во моментот да ги спроведат сите аспекти на Законот за употреба на јазиците, тоа е работа на институциите на кои се однесува законот и тие во соодветно време треба да обезбедат предуслови за да може да ги спроведат законските одредби. Впрочем секоја институција е должна да обезбеди инфраструктура за да ги спроведе законите онака како што ги донел законодавниот дом. Во тој контекст сметам дека ниеден предлагач кој и да е, во однос на евентуални дополнувања на Законот за употреба на јазиците, нема да најде соодветна поддршка кај пратениците Албанци, имајќи предвид дека тие го сочинуваат двојното мнозинство. Во дадениот момент мислам дека таква подготвеност кај пратениците Албанци не постои, изјави Џафери.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека многу скоро ќе поднесе амандмани на Законот за употреба на јазиците, со кои, како што велат од партијата, ќе значат негово усогласување со препораките на Венецијанската комисија. Со овој став се согласува и Алијансата за Албанците. Од Движењето БЕСА, покрај тоа, што имаат исто мислење дека промени на Законот за употреба на јазиците не е можна поради неможноста да се обезбеди Бадентеровото мнозинство, се на став и дека отворањето на ова прашање е дел од предизборните игри на СДСМ и ДУИ, но и на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување политички поени. Од СДСМ велат дека не сакаат да коментираат пред да ги видат амандманите што ќе ги предложи ВМРО-ДПМНЕ, но потенцираат дека за ова прашање е потребна поширока дебата за да се изгради заеднички став.