Државната празнична програма по повод 2 Август, големиот национален празник кога славиме 119 години од започнувањето на Илинденското востание – прогласувањето на Крушевската Република и Денот кога пред 78 години е одржано Првото заседание на АСНОМ со што е воспоставена нашата државност, која започна во Скопје, продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце. Настанот е во организација на Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.
Владина делегација во состав од министерот за здравство, Беким Сали, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, и заменик-министерот за правда, Агим Нухиу, положија цвеќе во чест на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, пред споменикот на АСНОМ во Пелинце.
-Преку положувањето цвеќе владините претставници оддадоа почит на хероите кои ги положија своите животи за нашата татковина, оставајќи аманет за чување на слободата и вечно сеќавање на остварениот копнеж за сопствена држава, на која борците на АСНОМ ги поставија цврстите темели. Државната програма во Пелинце, по повод одбележувањето на големиот национален празник Илинден е во организација на Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери кој се обрати пред присутните, по што продолжи културно-уметничка програма, велат од Владата.