Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека нема да го потпише указот на Законот за употреба на јазици, откако претседателот на државата, Ѓоге Иванов, одби да го стори тоа. На денешниот брифинг со новинарите, Џафери рече дека се анализираат други можни решенија за излезе од ситуацијата, како Законот би влегол во сила.
-Нема да се впуштам да ставам потпис во име на друг. Сè уште разговараме за излезните решенија, не е завршена целосно анализата за да се објави како ќе се постапи – рече Џафери додавајќи дека Иванов нема рок до кога може да го потпише указот и потсети дека е должен да го стори тоа.
Џафери додаде дека побарал средба со Иванов за надминување на ситуацијата, но не добил одговор.
-Побарав средба со Иванов, но не добив одговор. Изгледа бил зафатен. Потоа јас заминав на пат – рече тој.