Пред дваесет и седум години, токму овде во Собранието беа поставени и стратешките цели на Република Македонија, а тоа се евроатланските интеграции. Тоа е стратешка определба која и тогаш, а и сега ужива голема поддршка кај нашите граѓани. Декларативно, за евроатланските интеграции се изјаснуваат сите парламентарни партии, што се гледа и преку повеќето резолуции и декларации усвоени токму овде во Собранието.
Ова денеска го изјави претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери во обраќањето по повод одбележувањето на 8 Септември – Ден на независноста на Република Македонија.
– Осми септември, заедно со двата Илиндена како што народски ги нарекуваме, се троножецот врз кој е поставена и се развива Република Македонија. Ако генерациите илинденци од Илинден 1903 и Илинден 1944 година се бореа храбро, решително и визионерски, а многу од нив при тоа ги дадоа и своите животи, граѓаните на 8 септември 1991 година исто така храбро, визионерски и масовно гласаа на референдумот и се определија за независна и самостојна Република Македонија. И пратениците од првиот состав на Собранието, храбро и визионерски ја преточија оваа референдумска одлука во Уставно – правна рамка со што Република Македонија и од страна на меѓународната заедница беше препознаена како суверен и самостоен меѓународен субјект. Затоа, дозволете ми вечерва од свое име, од името на сите присутни а убеден сум дека зборувам и од името на целокупната јавност, да изразам благодарност до пратениците од првиот состав на Собранието на Република Македонија, рече Џафери.
Посочи дека во овие 27 години на самостојност се направени многу работи на внатрешен план. Денес, рече, Македонија е држава на рамноправни граѓани, држава во која се почитуваат како индивидуалните, така и колективните човекови права.