Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска побара од претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Љупчо Пренџов да ја прекине комисиската работа „се додека не се истражи што се случувало на денешната седница на ова собраниско тело“.
Според информации во медиумите, она што се зборувало на затворената седница на Комисијата, на која присуствуваше директорот на АНБ Виктор Димовски во врска со случајот Онишченко, одело тонски во живо на Јутјуб. Од Кабинетот на Џафери велат дека се додека не се истражи случајот, не можат да дадат никаква информација.
Џафери на почетокот на седницата истакна дека нема да отстапи од своите надлежности за да испита до крај што се случува.
– Одлука има на Комисијата работата да биде затворена. Од каде, како, што, тоа не е моја работа јас тоа да го испитувам. Има државни институции кои се надлежни тоа да го спроведат и сите надлежни институции се информирани и ќе бидат во Собрание тоа да го испитаат. Меѓутоа, тоа не е за телевизија, додека не се утврди што е што, рече Џафери.