Претседателот на Собранието Талат Џафери за попладнево свика вондредна средба со координаторите и претставниците на политичките партии во Собранието во врска со начинот и динамиката на продолжување на тековната работа на Собранието, пленарните седници и седниците на работните тела.
Се очекува тој и претставниците на парламентарните партии да разговараат кога ќе продолжат заостанатите седници на кои има точки на дневен ред кои беа одблокирани по средбата на премиерот Зоран Заев со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а потоа и со лидерите на АА и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши за законот за државјанство.
Меѓу нив се и законите за петиот пакет антикризни мерки што денеска помина на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Средбата на Џафери со координаторите ќе се одржи во 14:30 часот, а по завршување на Координативната средба од неговиот Кабинет најавуваат соопштение.