Пораки за силна поддршка за европската перспектива на Република Северна Македонија добил претседателот на Собранието Талат Џафери на средбите со пратеници во Европскиот парламент во Стразбур.
Џафери се сретнал со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ и Република Северна Македонија, Андреас Шидер, известувачот за Република Северна Македонија, Илхам Кјучјук, како и со т.н. известувач во сенка, Тања Фајон.
На средбите било нагласено дека во Европскиот парламент нема дилеми дека треба да се додели датум за почеток на преговорите и дека доколку одлуката зависеше само од Парламентот, Република Северна Македонија одамна ќе ги започнеше преговорите. Европратениците истакнале дека и во иднина ќе продолжи силната поддршка на Собранието на Република Северна Македонија, а соработката во форма на Мешовитиот парламентарен комитет и Жан Моне дијалогот ќе продолжат на редовна основа.
Претседателот на Комисијата за надворешна политика, Дејвид Мекалистер, истакнал дека за Европскиот парламент, Република Северна Македонија останува приоритет, постои широка поддршка и покрај неправедната одлука од страна на Советот. Направената грешка не може да се коригира, но нема да се дозволи истата да се повтори во иднина.
Претседателот на Собранието Џафери, како што стои во соопштението, бил поканет да ја следи и дебатата во Европскиот парламент за резолуцијата за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.
Во резолуцијата поднесена од пратеници од шесте најголеми политички групи во Европскиот парламент се изразува длабоко разочарување поради неуспехот на Европскиот совет да донесе одлука за почеток на преговори за членство со Северна Македонија поради, како што се наведува во текстот, блокадата на Франција, Данска и Холандија.
Во резолуцијата меѓу другото, како одговор на блокадата на Европскиот совет, се повикува Европскиот парламент да свика регионален парламентарен дијалог со претседателите на парламентите на земјите од Западен Балкан со цел да се развие стратегија за улогата на парламентите во реформите од европската агенда и постигнување конкретни мерки за исполнување на европските аспирации на граѓаните во регионот.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во рамки на посетат на Стразбур денеска ќе учествува на Европската конференција на претседатели на парламенти на Парламентарното собрание на Совет на Европа.