Во Владата започна првата седница на новоизбраниот владин состав, на која се обрати новиот претседател, Талат Џафери.
Тој ги соопшти очекувањата од работата на новата Влада во делот на организацијата и спроведувањето на претстојните избори и за реализацијата на тековните обврски на Владата, во интерес на граѓаните.
„Пред нас е една клучна задача, подготовка и организирање слободни, фер и демократски редовни избори во отворена и законита процедура. Во таа наша задача, имаме обврска да соработуваме и со Собранието и со Државната изборна комисија и со Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, но и со Европската Унија и САД како наш стратешки партнер, со цел да обезбедиме највисоки европски стандарди во процесот во изборната кампања и на самите избори, со целосен фокус на создавање услови, во коишто граѓаните, на изборите, јасно ќе ја изразат својата волја.
Тука сме исто така да обезбедиме редовно функционирање на институцијата, соработка и инклузивност во работата и од оваа Влада очекувам ефикасност и да е во функција на интересите на граѓаните, а притоа да е транспарентна и отчетна.
Очекувам дека сите членови на Владата ќе го вложат целото свое знаење и искуство и посветено ќе работат во интерес на граѓаните и дека сите предизвици пред нас ќе ги надминеме заедно, отворено и професионално“, порача премиерот Џафери.
Тој им го честиташе изборот на членовите на Владата и им посака успешна работа и соработка.