Откако поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски го обвини актуелниот претседател Талат Џафери дека на веб страницата на Собранието ги нема базите на податоци од дневни редови на седници од 1991 година, стенограми на сите тие седници, видео записи од седниците од 2002 година наваму, гласања по точки, податоци за сите пратеници и нивни биографии почнувајќи од првиот собраниски состав, Џафери му одговори преку соопшение.
Актуелниот претседател негира дека Собранието се враќа назад 20 години и дека некој си поигрува со двата системи: собранискиот сајт и е-Парламент системот кој беше воведен во 2009 година.
Џафери објаснува дека по успешната надградба на системите, во тек е миграцијата на податоците од стариот систем за е-Парламент во нов. Процесот на миграција на содржините од претходниот систем е завршен за тековниот пратенички состав 2020-2024, а во тек е валидацијата на мигрираните содржини за претходните пратенички состави. Впрочем, на веб страницата на Собранието, преку дополнителниот линк – Историја, веќе се достапни дел од мигрираните податоци и за претходните пратенички состави од 1991 година до денес.
Во однос на видео архивата, Џафери вели дека во тек е набавка на медиа сервер, со што, по негово поставување и конвертирање на материјалите во формат кој сега е стандард, ќе биде достапна на сајтот.
-Покрај ова, во тек е реализацијата на други процеси во насока на понатамошно унапредување на системот: се подготвува регистар за невладини организации; во тек е набавка на систем за разрешување на инциденти, се поставува корпоративна ви-фи мрежа и се подобрува гостинската ви-фи мрежа. Наместо неаргументирано да критикува и да пишува отворени писма до јавноста, Велјаноски треба да биде малку самокритичен и да се запраша какво беше нивото на отвореност на Собранието кон јавноста во негово време, а како е сега, порачува Џафери.