За петкратното убиство кај Смиљковското Езеро бев информиран од колегите, истиот ден, вечерта, но не се сеќавам во колку часот. Вака своето сведочење за случајот “Монструм” го почна Муса Џафери, тогашниот вицепремиер.
Обвинителот Гаврил Бубевски го праша дали за убиството комуницирал со Сашо Мијалков, тогашниот директор на УБК.
-Да има големи шанси да сум комуницирал со него. Таков разговор сум правел за да се информирам за настанот, кој беше многу сензитивен и бев свесен каква функција тогаш имаше Мијалков, рече Џафери.
Обвинителот го праша и дали може да се сети на разговор со тогашниот сопартијец и министер за правда Блерим Беџети за Хаки Азири, еден од обвинетите?
-Разговарав генерално за целиот настан. Не би сакал да претпоставувам, па затоа ако сакате конкретно да ме прашате, слободно, рече сведокот.
Тогаш Бубевски му прочита разговор кој го имал со Блерим Беџети на 3 мај 2012 година, во кој разговараат за тоа каде е Хаки Азири, кој МВР го спремаше за заштитен сведок, но подоцна се предомисли и стана обвинет.
-Тогаш имаше многу нејаснотии, во врска со тоа како се водат постапките. Бевме загрижени и како политички функционери. Како да се менаџира целата ситуација за да нема меѓуетнички и меѓуверски тензии во Скопје и околината. Мојата загриженост беше во поглед на тоа да се знае судбината на лицата кои беа притворени во тоа време, рече Џафери.
Тој додаде, дека колку што се сеќава, немал контакт со роднините на обвинетите.
Обвинителот тогаш му прочита и разговор кој го имал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и тоа на 7 мај 2012 година, или неполн месец по петкратното убиство. Во разговорот Џафери му вели на Ахмети дека ќе има проблем, дека семејството на обвинетите праќало стројници…
-Колку што се сеќавам немав комуникација со роднините. Кога зборуваме за стројници мислам на сопартијците и колегите кои беа во Владата. Сакам да ме разберете убаво. Кон нашите сопартијци од ДУИ можело да имало некои емисари од кои сум разбрал нешто, рече Џафери.
Тој беше прашан и од каде го познава Фејзи Азири?
-Фејзи Азири беше активист и активен по разни средби. Ама од тогаш поминаа многу години па не можам да се сетам на конкретна активност која ја организирала нашата политичка партија, рече сведокот.
Рочиштето ќе продолжи со сослушување на сведокот Зоран Трајковски, вработен во МВР.
В.В.