Извештајот е позитивен, безусловен со препорака за определување датум за почнување преговори за членство во ЕУ. Ова е достигнување на сите во Република Македонија, а посебно на граѓаните кои стрпливо дадоа поддршка за сите напори кои беа преземани од политичките партии, Собранието и Владата, истакна претседателот на Парламентот Талат Џафери по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан, кој нему и на координаторите и потпретседателите на Собранието им го предаде извештајот за напредокот на земјата.
Џафери по средбата потенцира дека ова е добар почеток за враќање на европската агенда, но посочи дека во следните два до три месеци ќе треба да се реализира практичната примена на реформскиот пакет закони и до Самитот на ЕУ во мај во Софија и следниот во јуни да може да се дојде до определување на датум за почеток на преговори.
Ова е еден од извештаите во кои нема забелешки за Парламентот, вели Џафери, но упатува на имплементација на донесените закони.
– Она што не очекува сега е процесот Жан Моне, кој ќе следи во Охрид. Не охрабрија дека треба да продолжиме со дебатата и дијалогот меѓу политичките патии внатре во Собранието и со тоа да покажеме уште еднаш дека сме ги сфатиле сите оние пораки од минатото и дека дијалогот треба да се одвива овде и дека меѓупартиски треба да ги решаваме работите, рече првиот парламентарец.