Припадници на МВР синоќа, по завршување на продолжението на 131. седница и гласањето за новиот Деловник на Собранието извршиле увид на направената штета во инцидентот што го предизвикаа пратениците од Левица за време на амандманската расправа, изјави спикерот Талат Џафери во изјава за државната МИА.
Тој рече дека натаму постапката треба да ја води Обвинителството, или по пријава од полицијата или по допрен глас, од она што се гледа дека се случувало на седницата од која има директен пренос на Собранискиот канал и на веб – страната на Парламентот.
Џафери рече дека материјалната штета која е направена ќе треба да биде надокнадена од пратеникот Борислав Крмов од Левица, кој го искрши мониторот и друг инвентар на претседавачката маса во Пленарната сала.
– Ако некој од вработените направи штета на работа, тој го плаќа трошокот – посочува Џафери.
Поради неможноста пленарните седници да се одржуваат во Салата за седници од денеска до санирање на штетата тие ќе се одржуваат во Големата сала со купола, вклучувајќи го и обраќањето на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Имајќи прeдвид дека во текот на денешната работа е направена материјална штета и е онеспособен системот за работа седниците на Собранието натаму до отстранување на штетата до поправка на оштетениот дел ќе се одвива во салата Купола. И утрешната свечена седница ќе се одвива таму“ – изјави вчера Џафери.