Претседателот на парламентот Талат Џафери останува на ставот дека парламентот треба да се распушти на 12 февруари, за изборите да може да се одржат на 12 април, како што уште во октомври се договорија лидерите на парламентарните партии.
Откако лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска ја остави отворена можноста парламентот да се распушти неколку дена подоцна од предвиденото, за да има време за донесување на законот за јавното обвинителство и на други важни закони, Џафери за 360 степени изјави дека Уставот предвидува предвремени избори да се одржат во рок од 60 дена од распуштање на парламентот.
Отстапка од само неколку дена, како што вели тој, би можел да направи само ако има договор меѓу парламентарните партии за рокот до кога би биле донесени законите што се сметаат за неопходни.
-Како претседател на Собранието, треба да потпишам индивидуален правен акт за распишување на изборите, по што почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија. Невозможно е тие активности да се спроведат во период пократок од 51 ден. Затоа, во случај да има договор меѓу партиите за периодот во кој би биле донесени клучните закони, би можело да се направи отстапка од неколку дена во однос на датумот за распуштање на парламентот. Но, ако во наредните денови немам известување дека е постигнат таков договор, подготвен сум лично јас, како пратеник, да го поднесам предлогот за распуштање на парламентот на 12 февруари – рече Џафери.
Тој посочува дека со политичката одлука за избори на 12 април им се отвораат обврски и на други институции, бидејќи со тој датум е поврзан и рокот за избор на техничката влада – сто дена пред одржување на изборите.
Оттука, додава Џафери, оваа техничка влада беше избрана на 3 јануари, што значи сто дена пред изборите на 12 април.
Како што вели претседателот на парламентот, ако намерата е да се одложува датумот за одржување на изборите, тогаш би требало да се сменат и законите за влада и за избори.