Претседателот на Собранието Талат Џафери кој денеска реферираше за работата на Парламентот од 27 април досега изјави дека условите денес се драстично попозитивни.
Џафери потврди дека на 2 август, за прославата на Илинден, ќе се обрати во Крушево на Мечкин Камен.
„Според редоследот на ротација годинава редот е на претседателот на Собранието да се обрати на 2 агуст на Илинден. Можам да потврдам дека јас ќе се обратам“, рече Џафери.
Во својот отчет за работата на Собранието, Џафери изјави дека досега се остварени 9 собраниски седници, од кои 4 се завршени, донесени се 5 закони, работните тела се во полн состав и работат со полн капацитет и координативните средби редовно се извршуваат со координаторите на политичките партии со исклучок на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои не учествуваат на редовните координаторски средби.
Локалните избори, како што наведе, ќе ги распише на 6 август, а тие треба да се одржат на 15 октомври. Пратениците, според него, ќе бидат на одмор од 8 до 25 август.