Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина 41. седница, откако пратениците донесоа неколку закони.
На дневен ред на седницата, чие продолжение, како што рече Џафери, ќе биде дополнително закажано, се преку 60 точки, меѓу кои и интерпелациите за министерот за правда Бојан Маричиќ и за вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски.
На почетокот пратениците се произнесуваа по предлозите на законските решенија во скратена постапка, по што позитивно се изјаснија за изборот на повеќе членови на државни установи и комисии. Заврши расправата и за повеќе точки во второ читање, а за дел од нив гласањето ќе биде дополнително закажано.
Попладнево накусо беше одржано и продолжението на 39. седница на која едногласно беа донесени законите за изменување на Законот за енергетска ефикасност и за дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој.