Џафери: Интерпелацијата на ВМРО-ДПМНЕ е груб обид за манипулација

by Fokus

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска преку соопштение одговори на поднесената интерпелација што за него ја поднесоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Интерпелацијата, наведува Џафери, „содржи низа невистини и претставува груб обид за манипулација“.

„Тврдењата изнесени во интерпелацијата јасно укажуваат на намерата на подносителите без каква било основа да ги девалвираат моите постигнувања, посебниот придонес што  го дадов во изминатите пет години во подигнувањето на нивото на дијалог и демократска култура во законодавниот дом, преземајќи чекори кон јакнење на независноста на Собранието и на неговата контролна функција во однос на извршната власт – нешто што беше речиси незамисливо во периодот кога дел од сегашните подносители на интерпелацијата беа мнозинство во парламентот“, посочува Џафери.

Тој додава дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека за дневно – политички цели, поттикнати од нивното партиско седиште, пласираат груби невистини со наводите во интерпелацијата.

„Доволна потврда за нивните неосновани обвинувања во овој контекст се извештаите на Државниот завод за ревизија во периодот од 2008 година, заклучно со последниот Извештај за 2020 година, објавен минатата седмица, кој претставува аргумент плус за успешното и транспарентно работење и менаџирање на Собранието, во согласност со  законските прописи. Во овој Извештај, ДЗР, како единствен надлежен орган за контрола на работата на Собранието, меѓу другото, констатира дека активностите, финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи, во сите материјални аспекти, се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики“, истакнува Џафери.

Поврзани новости