Џафери им пиша на албанските опозициски партии, добиваат место во ДИК

by Фокус

Најдоцна до 18 декември, лидерите на опозициските партии на Албанците Изет Меџити, Африм Гаши, Биљал Касами, Арјанит Хоџа и Скендер Реџепи ќе треба до претседателот на Собранието Талат Џафери да достават предлог за член на ДИК.

„Во прилог ви го доставувам извештајот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија. Истовремено ве известувам дека согласно членот 29 став 1 од Изборниот законик во рок од три дена од денот на приемот на ова известување, најдоцна до 18 декември 2023 година до 16:30 часот, потребно е писмено да ми доставите предлог за член на Државната изборна комисија од листата доставена во прилог на извештајот“, стои во писмото на Џафери.

Комисијата за прашања на изборите и именувањата утврди список со пет кандидати од кои треба да се избере член на ДИК. На списокот се Берат Даути, Абдуш Демири, Роберт Трајковски, Зулфи Адили и Самир Раќипи. По утврдувањето на кандидатот, Џафери ќе треба да закаже седница на Собранието на која ќе се гласа.

По именувањето на Кренар Лога за министер за правда, се испразни едно место во ДИК кое треба да биде пополнето со претставник од опозицијата.  Европскиот сојуз за промени, кој го сочинуваат Алтернатива, Беса и Демократско движење, бара од претседателот на Собранието да го почитува Уставот и да се избере член на опозицијата во ДИК.

Поврзани новости