За носењето закони по скратена постапка, кои беа дел од реформскиот процес, избравме поарно да биде оценката послаба по однос на Собранието, одошто државата да има последици по однос на членството во НАТО и преговорите со ЕУ, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери во интервју за РСЕ.
Што се однесува до работењето онлајн, Џафери вели дека Уставот пропишува пратениците да работат во парламентраната зграда, но за вакви ситуации мора да се најде решение и алтернатива.
-Сега се најдовме среде пандемија. Што вели народот, не дал господ пожар, каде ќе работи собранието? Со Уставот е тесно дефинирано дека собранието работи во собраниската зграда, во таа и таа сала, и што сега ќе останеме заробеници на тоа? Скопје и скопската котлина е трусно подрачје, гледано сеизмолошки. Во случај на земјотрес и поголемо оштетување на објектот, каде ќе се одржуваат седници? Не е дефинирано. Затоа сега кога се најдовме во оваа ситуација е неопходно да размислиме да имаме резервни правила како и на кој начин би ја извршиле нашата функција и во такви услови, а не тоа да биде замена за редовната работа. Но во секој случај пратениците, субјектите, политичките партии имаат за право да имаат пристап онаков каков што пристапиле кон оваа идеја. Јас опстојувам на фактот дека ако не сега, во идно време ќе мора да имаме алтернативни решенија за алтернативна работа во алтернативни услови. За нормални услови кој нормален човек би побарал да си работи од дома? Но ситуацијата наметнува да размислуваме и за тоа.