Џафери и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ повторно влегоа во костец

by fokus

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги испровоцира пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со тоа што не им даде право на процедурална забелешка на координаторите на пратеничката група. Како што рече Џафери, координатор на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, е Владо Ѓорчев, а тој, рече собранискиот спикер, не е присутен.

-По одржувањето на конгресот и формирањето на партиските тела, незнавично ме известија од партијата дека работите во Собранието до званичо избирање на нов координатор, ќе ги координира пратеникот Владимир Ѓорчев. Истиот не е тука и немате право на процедурално – рече Џафери со што предизвика негодување кај пратениците од оваа партија.

Дел од нив станаа од своите места и излегоа на говорницата за да се разберат со Џафери. Тој продолжи да го чита дневниот ред, но поради тоа што беше спречуван од пратениците, неколку пати ги замоли да се вратат на своите места.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, побара збор и го замоли Џафери во име на досегашната соработка да се држи, како што рече, до формално-правните обврски.

-Се наоѓаме во момент во кој сме збунети, толкав број амандмани и вие и СДСМ не можете да разберете дека треба да слушнете туѓо мислење, дека експертската јавност мисли поинаку од она што вие имате намера да го направите со Законот за јазици. Како долгогодишен колега ве замолувам да се држиме до форма. Точно е во смисла на тие разговори, но од формално правен аспект не е точно. Се уште немаме допис со промена на моделот според кој ќе функционираме како пратеници – рече Димовски.

Џафери продолжи со седницата и не им даде право на процедурална забелешка на бројните координатори на ВМРО-ДПМНЕ.

Формирањето на повеќе пратенички групи меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ претходно се покажа како ефикасен начин за блокирање на расправата за разрешување на поранешниот јавен обвинител, Марко Зврлевски. Координаторите постојано бараа право на збор, а останатите пратениците реплицираа на тоа, со што седниците се пролонгираа до бескрај.

 

Поврзани новости