Претседателот на Собранието Талат Џафери го дискриминирал пратеникот и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
-Се утврдува директна дискриминација врз лицето Димитар Апасиев врз основа на политичко уверување во областа на правосудство и управа, сторена од страна на Собранието на Република Северна Македонија и Талат Џафери од функција на претседател на Собранието, се наведува во мислењето на комисијата до кое дојде „Фокус“.
Од Комисијата образложуваат дека било постапувано по претставка поднесена од Апасиев.
-Подносителот на претставката тврди дека врз него е сторена дискриминација со тоа што бил ставен во понеповолна положба од останатите граѓани од страна на Џафери во рамки на постапка по предлог барање за поведување на граѓанска иницијатива за собирање потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на задолжителен дополнителен референдум на државно ниво на целата тероторија на Републиката до Собранието, појаснуваат од Комисијата.
Оттаму даваат и препорака, односно го укоруваат претседателот Џафери во иднина да се воздржи од дискриминација.
-Се препорачува Собранието, односно претседателот Џафери во иднина да ги почитуваат правата и обврските што произлегуваат од Уставот, Деловникот за работа на Собранието и Законот за Собрание и во иднина да се воздржуваат од дејствија во постапки по граѓански иницијативи на државно ниво пред Собранието, кои во смисла на одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација претставуваат дискриминација по било кој основ, се наведува во препораката на Комисијата.
Кон крајот на минатата година Левица поднесе и кривична пријава против Џафери.
-Правниот сектор на Политичката партија Левица, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието на Република Македонија – Талат Џафери, бидејќи тој, своеволно и спротивно на Уставот, Законот и Деловникот го оневозможил спроведувањето на граѓанската иницијатива на државно ниво за собирање на 150.000 потписи за распишување задолжителен дополнителен референдум за Законот за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија, информираа тогаш од партијата.
Валентина Вурмо