По еден час пауза, во Собранието продолжува собраниската седница за избор на новата влада. Претседателот Талат Џафери, влезе во речиси празната сала, па ги искара пратениците дека тој е на време, но нив ги нема.
Тој претходно влезе во расправа со пратеничката Гордана Силјановска, која му забележа дека стартот на седницата се одолжил за еден час. Тогаш Џафери и реплицираше дека тој стигнал уште пред 9 часот и не се доцни по негова вина. По паузата, Џафери, реагираше дека тој и сега е на време, но поголемиот дел од пратениците ги нема.
Паузата беше до 15 часот и 15 минути. Еве, нека се покаже салата да се види дека ги нема повеќето пратеници. Тие што бараа да бидеме точни, треба да го почитуваат тоа и самите, рече Џафери.
По неговата забелешка набрзо влезе пратеничката Силјановска, а по неа и мандатарот Зоран Заев.
-Да бидеме точни, конзистентни. За мене нема потреба од академско доцнење. Има пратеници во прв мандат кои се уште не ги разбираат предусловите. Уште еднаш ќе ви повторам дека јас не сум лут и нервозен, но не сум и вреќа за удирање, па на мене да си го лечите стресот, рече Џафери.
Дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пак забележаа дека ги нема пратениците од власта, на што Џафери одговори дека секој одговара за себе.