Еве сме на предвечерието на Новата 2020 година. И додека ги одбројуваме последните минути од 2019 која одминува правејќи рекапитулација на се низ што поминавме како држава, како општество, како Собрание и пред се како граѓани на Република Северна Македонија, морам да кажам дека сум задоволен и горд, но сепак и со доза на резерва, вели во својата честитка претседателот на собранието Талат Џафери.
– Оваа година се оствари едната од нашите две стратешки цели, односно добивме покана да бидеме 30-та полноправна членка на НАТО Алијансата со што станавме дел од најмоќниот воен и политички сојуз што е гаранција за безбедноста на нашите граѓани и интегритетот на нашите граници. Морам да признаам дека да се биде рамо до рамо со најмоќните е убаво чувство. Резервираноста ми е во однос на очекуваната, а не добиена покана за членство во ЕУ. Дали заслуживме покана? Секако дека да. И за тоа се согласуваат сите наши меѓународни пријатели. Дали ќе продолжиме во иста насока со уште поголема посветеност? Секако дека да, за да овозможиме функционални институции, владеење на правото за сите, почитување на правата и слободите за сите граѓани подеднакво и создавање можности за раст и развој на здрава, смела младина, која ги гледа работите право во очи и ги кажува така како што се, директно без заобиколување со јасна мисла и визија, вели Џафери.
Тој порачува дека во Новата година не очекуваат нови можеби и непредвидени предизвици, меѓутоа верува дека како и до сега заедно, мудро и со јасна зацртана цел ќе успеемњ да ги надминеме и постигнеме целите.