На денешната собраниска седница за избор на претседателите, замениците и членовите на собраниските комисии, на моменти се вжештуваше атмосферата.
И покрај тоа што дневниот ред за седницата беше усвоен, во расправата по оваа точка пратениците од опозицијата повторно посочија дека се крши процедурата и оти се гласа за персонален состав пред Собранието претходно на парламентарна седница да донесе одлука за нивно основање и за дефинирање на надлежностите.
Тие истакнаа дека ваква одлука Собранието требало да донесе, бидејќи, како што посочија некои од комисиите би можеле да претрпат измена на број на членови или опфат и делокруг на работа, како на пример комисијата за здравство која би можело да има поголем број членови со оглед на ситуацијата со пандемијата.
Пратеничката Гордана Силјановска Давкова смета дека крајно невообичаено е Комисијата за прашањата на изборите и именувањата да ја супституира улогата на Собранието, и оти секој собраниски состав треба да има сопствена одлука за формирање работни тела, по која ќе се прави изборот на персоналниот состав.
Објаснувањето на претседателот на Собранието Талат Џафери беше дека претходната одлука за формирање работни тела или комисии е на сила, и оти нема предлози за формирање нови. На оваа одлука, рече Џафери, се темели и предлогот на координаторите на пратеничките групи за персоналните состави. Вие, им рече Џафери на пратениците од опозицијата, не сте поднеле никаков предлог за дополнување на делокругот на работа или за зголемување на бројот на комисии или членови на комисиите.
Силјановска пак посочи дека не може да важи претходната одлука бидејќи ова е нов пратенички состав со свои специфики. И таа побара соодветна одлука за формирање на работни тела.
– Не климајте со глава, од право немате познавање ни збор, рече Сиљановска откако 67 пратеници гласаа за дневниот ред.
– Крајно невообичаено е Комисијата за избори и именувања да го супституира парламентот, 67 пратеници подготвени за вежбање само да креваат рака. Ве молам компаративно да погледнете. Крајно е невообичаено е да ги немаме биографиите кога се избираат претседатели на работните тела и нивните заменции за да се видат дали членовите на работните тела во таа област се квалификувани, додаде пратеничката,
Џафери пак ја предупреди дела нема право да ја оспорува стручноста на другите пратеници.
– Мислам дека некоректно е да се обраќате некому дека поим нема од право како што нема потреба да има поим од електро факултет. Должен сум да ви укажам дека немате право да се мешате во изјаснување на пратенците. Тоа не е ваше право да зборувате дека се изјаснуваат механички. Немојте така, овде не сме на Правен факултет. Ако имаме потреба од предавање , ќе ве советуваме како професор таму каде што има потреба. Тука сме колеги избрани од исти граѓани и само тие имаат право да го оспорат нашиот мандат. Ве молам водете сметка понатаму, реагираше Џафери.