По информацијата која ја објавија поранешните пратеници од ДУИ Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику дека денес и официјално го известиле Собранието дека излегуваат од пратеничката група на ДУИ и дека ќе делуваат како независни пратеници, и дека веќе формирале пратеничка група во која координатор е поранешниот пратеник на Беса Кастриот Реџепи, од Собранието стигна информација дека тие немаат право да формираат пратенича група.
„Претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти дека денес примил известување од пратениците Изет Меџити, Мерита Колчи Коџаџику и Кастриот Реџепи дека ќе дејствуваат како независна група пратеници и во истото известување предлагаат координатор и заменик координатор“, соопшти Собранието.
Во информацијата од Собранието стои дека собранискиот спикер џафери веднаш ги известил пратениците дека не можат да формираат пратеничка група.
„Претседателот Џафери, веднаш по добивање на известувањето, писмено ги извести дека:’согласно член 33 став 2′ од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Пратеничката група ја сочинуваат најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии.
Следствено на горенаведената одредба, немате можност да формирате пратеничка група, ниту да определите координатор и заменици координатори“,соопшти Собранието.