Џафери: До 20 јануари би бил избран новиот претседател на Собранието

by Fokus

Од средината на јануари треба да почнат формално – правните постапки за подготовка за избор техничката Влада која треба да работи на реализација на изборите за народни избраници на 8 мај.

Ова во интервју за МИА го изјави претседателот на Собранието Талат Џафери, кој е предложен за премиер на техничката Влада.

Според него, до 20 јануари би бил избран новиот претседател на Собранието.

-Во секој случај тоа се специфични ситуации кои се надвор од оние процедури деловнички кои Деловникот ги пропишува за редовни функции и постапки. Секако дека ќе има посебна седница за избор на претседател на Собрание и секако дека ќе треба да има посебна седница за избор на Влада, затоа што претседателот на Собранието, односно јас како номиниран за функцијата премиер не ќе можам истовремено да сум и мандатар и претседател на Собранието. Од таа причина треба прво да се расчисти прашањето за моето повлекување од Собранието, за да можам формално да прифатам, вели Џафери.

Тој рече дека најнапред треба да се случи неговото повлекување и изборот на нов претседател на Собранието.

– Без оглед што сум во оставка додека не се костатира на седница јас формално сум и претседател на Собранието, што значи дека тоа се техниките што ќе треба да ги ставиме во тајминг на којшто работиме во меѓувреме и на наредната средба на 9 јануари е редовната координација и дотогаш ќе ги имаме расчистено сите ситуации и да можеме да дадеме конкретна динамика, на која седница и како. Но, во секој случај мора да оди моето повлекување и избор на новиот претседател за да може да има претседател (на Собранието), којшто ќе прими програма и состав на новата Влада – вели Џафери.

Поврзани новости