Примопредавањето на премиерската функција е закажана за денеска во 10 часот во Владата, каде што досегашниот премиер на техничката Влада, Талат Џафери ќе му ја предаде функцијата на новиот премиер Христијан Мицкоски.
Како што велат од владината прес-служба, Џафери и Мицкоски прво ќе имаат куса средба.
Церемонии за примопредавање на функциите ќе има и во министерствата меѓу актуелните министри во техничката Влада и новоизбраните министри.
Синоќа во парламентот со гласање беше избран новиот владин состав. Со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“, Собранието вчеравечер ја избра новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и ЗНАМ.
На синоќешното гласање „против“ новата Влада се изјаснија пратениците од СДСМ и Левица, додека пратениците од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ ја напуштија седницата пред нејзиното завршување.
Мицкоски го доби мандатот за состав на нова влада откако неговата партија победи на парламентарните избори во мај годинава и освои 58 пратенички места во Собранието.