Џафери: Да не дозволиме историјата да ја проголта иднината на новите генерации

by Fokus

Без одложување треба да се одреди датум за одржување на првата Меѓувладина конференција, со која ќе го означиме формалниот старт на преговорите за Република Северна Македонија. Секое одложување сериозно ќе се одрази на политичко-економската ситуација во нашата земја, но и ќе има свое влијание и на останатите земји во регионот кои споделуваат исти или слични отворени прашања со своите соседи, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери во обраќањето пред членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент во Брисел.

Република Северна Македонија, посочи Џафери, во изминатата декада се најде во еден исклучително сензитивен период, на внатрешен и на надворешен план. Во однос на европските интеграции, земјата постигна импресивен напредок во приоритетните области, кој од темел промени одредени сектори во нашето општество и значително ги унапреди односите со соседите за надминување на отворените прашања. Таа посветеност, како што рече, придонесе за добивање зелено светло од страна на Советот на ЕУ за отпочнување на преговори за членство.

-За жал, наместо преговори сега се соочуваме со застој заради одредени билатерални барања. Наш став е дека договорната рамка со Република Бугарија дава соодветна основа за понатамошна соработка и ние сме подготвени за надминување на ситуацијата согласно меѓународните стандарди, рече Џафери.

Петседателот на Собранието нагласи дека овие случувања не треба да имаат влијание на отворање на преговорите за членство.

-Доколку сме перцепирани како регион кој произведува повеќе историја отколку што може да ја консумира, не смееме да дозволиме таа историја да ја проголта иднината на новите генерации за кои главните животни постулати се базираат на развиена економија, повеќе работни места, дигитална технологија, здрава животна средина, образование и иновации, слободен проток на лица, капитал и услуги. Вложивме премногу жртва, време, енергија и политички поени за да го испорачаме ветеното, не само поради барањата на европските институции, туку и заради фактот што процесот на проширување се покажа дека е двигател на реформите во сите пори на нашето општество, рече Џафери.

Европратениците известувачи за земјите од Западниот Балкан, пред Комитетот побараа од ЕУ Северна Македонија и Албанија да добијат датум за меѓувладина конференција и тоа да се реши во словенечкото претседателство. Беше нагласено дека тоа што се случува во земјите од Западен Балкан се прелева и во земјите од ЕУ. Исто така беше нагласено дека е потребно тргање на визите на Косово, д продолжат разговорите со Србија, побрзо отворање на поглавјата со Црна Гора, како и подобро решение за БиХ, но оти за оваа земја е појдовно основа тамошмиот устав, што треба да биде за сите граѓани.

Европратеникот Анреас Шидер истакна дека многу е важно за ЕП заедно со парламентите од регионот да се држат до агендата за Западниот Балкан, затоа што тоа е многу важна агенда за ЕУ.

-Што се однесува до Северна Македонија, можам со задоволство да кажам дека продолжуваме да работиме заедно онлајн и со нетрпение чекаме да продолжиме со соработка во живо, во рамките на Жан Моне дијалогот. За нас во ЕП многу е битно да се даде зелено светло за преговорите и за Северна Македонија и за Албанија и навистина би сакале тоа да се случи во блиска иднина. Затоа што мислиме дека целиот процес доцни. Тоа значи не само да се даде поддршка за завршените реформи туку и да се даде надеж и поддршка за реформите што претстојат, рече Шидер.

Во име на постојаниот известувач за Северна Македонија зборуваше словенечкиот европратеник Клемент Грошељ, кој истакна дека ЕП секогаш го поддржувал процесот за проширување.

-Тој има стратегиско значење за ЕУ и јасен доказ е неговата помош за развојот, но она што е потребно е поддршка за реформите на владеењто на правото, демократијата и судството. Тоа е она што го бараат европските граѓани – кредибилитет. И не само да се отвораат поглавјата туку да се воспостави добросостојба за сите граѓани на ЕУ и граѓаните на Западниот Балкан. На тој начин ќе може да се намалат разликите што постојат и да се забрза процесот на проширувањето, рече Грошељ.

Дадовме, потенцираше словенечкиот европратеник, поддршка за многу процеси, но „нема потреба да се враќаме во историјата“.

-Меѓутоа нонпејперите што беа дистрибуирани се само еден вид на огледало на духовите од историјата, а историјата никој не ја сака. Секој сака иднина. Сакаме реформи, сакаме Западен Балкан што ќе биде оплеменет со вредностите на ЕУ, рече Грошељ.

Зборуваа и бугарските европратеници европратеик Ангел Џамбаски и Александар Александров Јорданов, кои ги бранеа бугарските позиции во прашањето за разговорите со Северна Бугарија.

Европратеникот Џамбаски рече дека Западниот Балкан е дел од ЕУ, а земјите пред да влезат во ЕУ мора да направат одредени важни раформи.

-Има повеќе проблеми кои се од минатото. Има и поранешни тоталитарни режими кои владееја во регионот. Сега има промена и време е да се престане да се зборува за тоталитарни режими. Зборувам за Северна Македонија и за Република Србија. Човековите права, правата на самоопределување се многу важни. Во Северна Македонија Бугарите се посочуваат со прст како непријател и има фалсификување на историјата која ги претставува Бугарите како татари. Во Северна Македонија ја гледаме југословенската пропаганда, почитување по тито и за неговите болшевички и античовечки политики. Да ве потсетам дека имаше концентрациони логори кои ги водеше Тито во Македонија и многу Бугари беа жртви. Тоа треба да се признае и треба да се осуди, рече Џамбаски.

Крајно време е, смета тој, дека да се наградат заложбите на Албанија. Зборувајќи за обраќањето на претседателот на српскиот Парламент Ивица Дачиќ, рече дека тој со години „полагаше на диктаторот Милошевиќ“.

-Тој рече дека Бугарија извршила злосторства во Северна Македонија, не знам што мисли зашто Бугарите биле пречекувани како ослободители во Македонија, рече Џамбаски прашувајќи го кога Србија ќе ги отвори досиејата на разузнавачките служби и кога Србија ќе ги осуди злосторствата што биле извршени против луѓето во поранешна Југославија.

-Сакате да влезете во ЕУ? Тоа си има цена, рече бугарскиот пратеник.

Европратеникот Александров Јорданов рече дека Северна Макдонија одбива и ја блокира работата на историската комисија формирана по формирањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. Тој додаде дека ги слуша забелешките на своите колеги дека треба да се изврши притисок врз Бугарија, но, како што рече, „притисок не е европса вредност“.

Пред Комитетот за надворешна политика на ЕП денеска свои обраќања имаа претседателите на парламентите на шесте земји од Западен Балкан, кои исто така по покана на претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, ќе учествуваат на Самитот на претседатели на Парламенти: „Европски парламент – Западен Балкан“.

Поврзани новости