Џафери: Ако се одржат заедничките избори на 8 мај, техничка влада треба да се формира на крај на јануари

by Fokus

Актуелниот премиер Димитар Ковачевски треба да биде заменет од премиер Албанец на крајот на јануари, 2024 година, и тој би ја предводел техничката влада до изборите во мај.

Земјава ќе добие техничка влада на крај на јануари идната година, ако партиите постигнат согласност за заеднички претседателски и парламентарни избори на 8 мај 2024 година. Иако се уште не е утврден точниот датум на којшто ќе се одржат изборите, партиите деновиве се почесто 8 мај го споменуваат како датум околу кој би можеле да постигнат консензус.

Треба да се усогласат околу евентуалниот датум за одржување на изборите согласно Уставот и законите во рамки на последните 60 дена од мандатот на претседателот и последните 90 дена од мандатите на пратениците.

„Ако се покаже точно она што се шпекулира дека 8 мај би бил прифатлив за сите, да се одржат заедно претседателски и парламентарни избори, тогаш изборите би се распишале на 27 или 28 февруари. Ако се одржат заедничките избори на 8 мај, како резултат на Пржинскиот договор, техничката влада треба да се формира на крајот на јануари, информираше претседателот на Собранието,Талат Џафери, на средба со новинарите.

Тоа значи дека техничката влада треба да се избере на 27 или 28 јануари.

Џафери вели дека досега до него не е стигната никаква информација дека е постигнат договор меѓу партиите за денот на одржување на изборите.

Партиските најави се дека парламентарните избори би можеле да се одржат на 8 мај, среда, заедно со вториот круг на претседателските избори.

Првиот круг на претседателските избори ќе се одржи на 24 април.

Поврзани новости