Претседателот на Владата Талат Џафери се сретна со амбасадорката на САД во земјава, Н.Е. Анџела Прајс Агелер.
Премиерот Џафери ја истакна посветеноста на Владата кон стратешкото партнерство на Северна Македонија со Соединетите Американски Држави и нагласи дека и на новата функција ќе продолжи да биде силен промотор на таа соработка.
На средбата, премиерот и амбасадорката разговараа за потребата од обезбедување континуитет и ефикасност во работата на Владата и државните институции, и вложување на севкупни напори за подготовка и реализација на фер и демократски избори.
Премиерот Џафери нагласи дека претседателските и парламентарните избори се клучни за иднината на земјата и ќе претставуваат потврда за правецот на нејзиното натамошно движење. Во таа насока, двајцата соговорници се согласија дека процесот на преговори за членство во ЕУ ќе овозможи и позитивна трансформација на демократските капацитети во државата, засилување на реформските процеси во сферата на владеење на правото и борбата со корупцијата.
Амбасадорката Агелер му го честиташе изборот на премиерот Џафери, истакнувајќи ја важноста од неговата улога во демократскиот развој на земјата како прв претседател на Собранието, Албанец и прв претседател на Владата на Северна Македонија, Албанец во историјата на земјата. Агелер потенцираше дека изборот на премиерот Џафери испраќа силна порака дека, како и во Соединетите Американски Држави, така и во Северна Македонија, диверзитетот и почитувањето на неговото богато културно наследство ја прават земјата уште посилна. Амбасадорката ја истакна силната поддршка на САД на патот на Северна Македонија кон Европската Унија и изрази подготвеност за натамошна блиска соработка со Владата на тој пат.
Премиерот Џафери ја нагласи определбата на Владата за активно продолжување на процесите и реформите врзани за евроинтеграцијата на Северна Македонија, со цел отворање нови можности за поголем економски просперитет и демократски развој. Меѓу другото, премиерот ја извести амбасадорката и за предлог Законот за рестриктивни мерки за кој се прават дополнителни и сеопфатни консултации, по што е предвидено повторно разгледување на истиот на следната владина седница.
Премиерот Џафери изрази благодарност за континуираната поддршка од САД за стабилноста и просперитетот на Северна Македонија и истакна дека нашиот придонес во колективната безбедност како земја членка на НАТО, ќе продолжи.