Неразбирливи се ставовите на Владиката Петар, а уште помалку реториката со која ги отфрла препораките за заштита од коронавирусот за време на велигденските празници, реагира министерот за здравство Венко Филипче, откако Владиката неодамна искоментира дека „ако заразата се ширела преку причестувањето, тогаш сите свештеници, ѓакони и владици ќе биле мртви“.
„Како верски авторитет вие треба да бидете пример и први да застанете во заштита на здравјето на граѓаните, како и да не дозволите да ни се повторат грешките од минатото. Зачудува вашата негрижа за можните последици и ризиците кои ги носат одредени обичаи. Додека останатите верски институции во соседството и пошироко ги преземаат сите мерки за заштита и ги прилагодуваат обичаите, вие го правите спротивното“, посочува Филипче.
Тој потсетува дека во соработка со верските заедници, предложиле протоколи и мерки кои овозможуваат верниците да го прослават празникот намалувајќи ги ризиците од ширење на вирусот.
„Крајно разочарувачки за мене, но верувам и за многу граѓани е вашиот игнорантски однос кон овие обиди за соработка, но пред се кон безбедноста на граѓаните. Како што многу пати повторувам во последната година, битката со вирусот е заедничка и секоја алка во тој синџир на одговорност мора да функционира. Апелирам граѓаните да бидат максимално одговорни за време на празниците и да ги почитуваат мерките за заштита“, порача министерот.