Дака во земјава формирал две компании преку офшор фирма од Панама, едната поседува над 5 илјади квадрати во Тетово

by Фокус

Црногорскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ-Дака, кој стана актуелен по објавувањето на разговорот со Зоран Милески-Кичеец, се поврзува со две компании во земјава. Според податоците што ги обезбеди Фокус од Централниот регистар, двете компании се формирани од офшор-фирма од Панама, со тоа што во едната како управител се јавува директно Дака, додека во другата управител е директорот во неговото матично друштво „Нексан“.

Имено, една од нив е компанијата „Хронос Сум“, формирана кон средината на 2015 година со седиште во скопски Аеродром. Оваа компанија, чија основна дејност е одгледување на повеќегодишни посеви, е формирана со паричен влог од милион евра. Како единствен сопственик на компанијата се јавува друга компанија – „Адастра Груп Корп“ со седиште во Панама, која важи за офшор-зона.

Притоа, управител на „Хронос Сум“ е црногорскиот државјанин Бранко Рудовиќ, кој, според информации од Централниот регистар на Црна Гора, е управител на црногорската компанија „Нексан“. Оваа компанија е во целосна сопственост на Давидовиќ, кој пак се јавува како управител на друга компанија во Македонија, исто така, формирана од панамската „Адастра“.

Станува збор за градежната компанија „Јелак-Градба“, формирана на почетокот на 2016 година со седиште во Тетово, со основна главнина од 2 милиони евра. Сепак, кај оваа компанија, основана од офшор фирмата Адастра и управувана од Давидовиќ-Дака, не е евидентирана значајна деловна активност, имајќи во предвид дека, според финансиските извештаи, во 2017 и во 2018 година не остварила никакви приходи, туку само расходи од 324.000, односно 469.000 денари.

Инаку, црногорската „Нексан“ е основана во 1992 година како друштво за трговија, додека во годините што следуваат фирмата почнува да се занимава со транспорт, шпедиција, градежништво, трговија со нафта, производство на вино… Во 2006 година, нејзина доминантна дејност станува градежништвото, така што гради комплекси во Будва, Свети Стефан, Подгорица, Никшиќ…

Како што е објавено на официјалниот сајт на компанијата, „Нексан“ во 2014 година го купува целокупниот имот на „Ковачница“ и „Техностил“ во рамки на стечајна постапка, а истата година станува сопственик на деловната зграда на „Југопетрол“ во Котор. Компанијата на Давидовиќ често практикува влез во загубари за време на стечај, така што во периодот 2011- 2012 година го организираше производството на „Железара“, која потоа се продава за 15 милиони евра.

ЗЕМЈИШТЕ ВО ШТИП КАЈ БРЕГАЛНИЦА

Во разговорот што деновиве беше објавен на интернет, Милорад Вујовиќ-Дака пред Зоран Милески-Кичеец зборува за 300.000 евра што ги дал и 2.000 квадратни метри што треба да ги даде за да реализира одредени бинис-интереси земјава. Настрана меѓупартиските обвинувања кому ги дал и кој ги земал овие средства, Дака во вчерашната реакција јасно кажува дека парите му ги дал на Кичеец за консутантски услуги уште кога на власт било ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски.

Во писмото до јавноста, тој вели дека Кичеец го запознал преку угледен белградски бизнисмен кон крајот на 2016 година. Како што објаснува Дака, Милесски му бил препорачан како сериозен деловен човек од Македонија, кој бил во можност да му ја пружи потребната поддршка и логистика, поради што одлучил да го ангажира како консултант, преговарач и посредник во деловни проекти.

„Со оглед дека во конкретниот случај се работеше за проект од повеќемилионска вредност, износот од 300.000 евра на име услуги консалтинг, посредување, логистика и застапување пред надлежните органи во Република Северна Македонија не беше несразмерен со толку голема вредност на проектот“, пишува Дака, истакнувајќи дека не се работи за никакво мито или корупција.

Конкретно, тој посочува дека поседува голема површина земјиште во општина Штип покрај Брегалница, каде, како што вели, има добри услови за изградба и работа на мини хидроелектрана и паркови за енергија од ветер. Патем, Давидовиќ посочува дека постигнал договор со познати австриски и кинески компании кои биле подготвени да обезбедат финансиски средства за реализација на овој проект, додека неговата обврска било само да обезбеди градежна дозвола.

„Милевски, и покрај сите ветувања и преземени обврски, не успеа да обезбеди ниту една дозвола, ниту презеде какви било активности за реализација на проектот во Општина Штип. Единствено што стори за мене е што ми организираше состанок со премиерот Зоран Заев. Точно е дека на состанокот со Заев ги изложив своите планови во врска со изградба на мини хидроелектрана и паркови на енергија на ветер. Меѓутоа, соопштено ми е дека сите концесии за овој вид дејност се по повластени тарифи и веќе доделени“, објаснува Дака.

Тој додава дека Заев го упатил кон генералниот секретар на владата Драги Рашковски во врска со плановите за идниот период околу доделување нови концесии, меѓутоа, како што истакнува, до денес не добил информација која би укажала дека во иднина би можел да се надева на реализација на проектот. На тој начин, потенцира Дака, огромните парични средства што ги вложил во недвижности му останале неактивни и заробени.

ПРОДАЖБА НА ТЕТОВСКИ ШИК „ЈЕЛАК“

Оттука, Дака се држи исклучиво до плановите што ги имал за земјиштето во Штип, но не и за другите акивности што ги споменува во снимениот разговор со Кичеец-тутун во Тетово, тутунски комбинат… Иако тоа го нема во транскриптот објавен заедно со снимката, сепак, јасно се слуша како Дака го споменува и АД Шумарско-индустрискиот комбинат „Јелак“ во Тетово, кој, според официјалните податоци, е избришан со одлука на тетовскиот суд на почетокот на 2018 година по заклучена стечајна постапка.

„И јас да дознаам пред недела дена од (Драги) Рашковски, дека сега треба да вршат процена на ШИК Јелак“ после три години. Не ме зафркавај Зоране (Милески). Ме прашуваш зошто сум лут? После 3 години, кога беше ти, Здравко и Перовски, ми ветивте за 7 дена ќе ми кажеше колку чини остатокот од ШИК „Јелак“, дали е така? Точно или не е точно? Дали ми ветивте?“, го прашува Дака Кичеец.

Во однос на тоа се надоврза опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј портпарол Наум Стоилковски посочи дека Владата на 115-тата седница одржана на 15-ти јануари 2019 година разгледала информација за ШИК „Јелак“, при што како 120-та точка била разгледана информација за имотот од стечајната постапка. Како што истакна Стоилковски, Владата ја усвоила информацијата и на тој начин донесена е одлука за давање согласност со продажба.

Впрочем, оваа одлука е објавена во Службен весник број 242 на самиот крај на 2018 година, при што се наведува дека согласноста се дава за продажба на деловни простории во сопственост на Фондот за здравство по цена од 27 милиони денари, во сопственост на Агенцијата за вработување по цена од 1,7 милиони денари и во сопственост на ЈП Македонски шуми по цена од 53 илјади денари. Оваа согласност се однесува на продажба на имот на останатите сопственици, меѓу кои спаѓа и „Јелак-Градба“.

Всушност, на продажба биле ставени идеални делови од вкупна површина од 17.335 квадрани метри на катастарска парцела 3039 во Катастарска општина Тетово со имотен лист број 102979. Според податоците од Катастарот на недвижности, денес „Јелак-Градба“ на Дака поседува најголема површина од овој простор, која точно изнесува 5.968 квадратни метри, додека остатокот го посеудваат УЈП (5.021), ФЗО (2.359), ПИОМ (3.789).

Иако пред неколку дена побаравме одговори од Дака во однос на неговите проекти и планови во Тетово, за кои вчера не се произнесе во официјалната реакција, сепак, се уште не сме добиле одговор. И Рашковски одби да даде коментар во однос на разговорот меѓу Дака и Кичеец, како и околу продажбата на имотот на ШИК „Јелак“, упатувајќи не да се обратиме на други адреси.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости