Најостро реагираме и ги осудуваме обвиненијата за нашите членови Бранко Петровски и Игор Шокаровски како неточни и неосновани, креирани врз основа на манипулативни претставки, без никаква правна основа или поткрепа, велат од Друштвото на филмски работници.
Ова од Друштвото на филмски работници стигна како реакција на обвинувањата на „Банана филм“.
Од Друштвото велат дека тоа е единствено релевантно струково здружение од областа на филмот и аудио-визуелната дејност и од своето основање е силно посветено на спроведување на сопствените фундаментални принципи за рамноправност, транспарентост и бескомпромисно почитување на законите при аплицирањето и отчетот за користењето на средства од државните и европските јавни фондови.
Друштвото бара сите надлежни институции да ги проверат сите наводи пласирани во медиумите за работата на ДФРМ, за кои тврдат дека се целосно неточни, непотврдени и измислени.
„И во исто време, ја повикуваме Управата за финансиска полиција, Државната комисија за спречување на корупција, Основното јавно обвинителство – Скопје и Транспаренси интернешнл Македонија темелно да ги испитаат сите факти, индиции, документи и докази кои се однесуваат директно и индиректно на работата на продукцијата Банана Филм“, велат од Друштвото на филмски работници.
Тие бараат да се провери стечајот и незаконското згаснување на продукцијата „Сенка филм“ и префрлувањето на побарувањата, но не и на обврските на оваа продукциска куќа кон новооснованата продукција „Банана филм“.
„Бараме да се провери потпишувањето на договорот за финансирање на филмскиот проект „Мајки“ и добивањето на средствата пред завршувањето на постапката и објавувањето на резултатите од Конкурсот за финансирање од Филмскиот фонд на РМ. Да се провери неподнесувањето на извештај за потрошени 55.800.000 денари или 907.317 евра за филмот „Мајки“, како и префрлувањето на 900.000 денари без претходно потпишан договор за меѓународна промоција и кандидатура за Оскар, пари на државата за кои, исто така, не е доставен финансиски извештај“, велат во реакцијата Друштвото на филмски работници.
Од друштвото велат дека бараат да се испита и повеќекратното поднесување на нотарски заверени изјави со невистинита содржина од страна на Банана филм при постапките за аплицирање во АФРСМ.
„Да се испита префрлувањето на 5.300.000 денари или 85.000 евра од средствата наменети за продукција на филмскиот проект „Врба“, од Банана филм Скопје, кон „Милкман“ продукција од САД, при што и двете фирми се сопственост на истиот субјект продуцентот на филмот. Да се провери префрлувањето на преку 7.700.000 денари или 125.000 евра наменети за продукција на филмот Мајки кон „Квантум комуникации“ од САД, за наводна промоција на истоимениот филм, спротивно на Буџетот и Договорот за финансирање на проектот, како и недефинирана исплата за прикажување на филмот „Мајки“ на Интернационалниот филмски фестивал во Торонто во висина од 12.000 долари, од средствата наменети за продукцијата на филмскиот проект“, стои во реакцијата н ДФРМ.
Според друштвото треба да се испита и нереалната висина на авторските хонорари од „Сенка филм“ и „Банана филм“ за сценарио, режија и продукција, кои многукратно го надминуваат европскиот просек за овој тип на работа кога станува збор за парични средства од јавните фондови, во случајов исплаќани од средства од буџетот на Република Северна Макдонија.
„Бараме да се проверат и останатите евидентирани индиции и докази за злоупотреба на државните пари. Нема да замолчиме и ќе се спротиставиме на секој обид да се релативизираат наведените случаи за несооветното трошење на народните пари и нивната злоупотреба“, велат во реакцијата ДФРМ.