ВМРО-ДПМНЕ нема да предложи потпретседател на Собранието, рече партискиот генерален секретар Игор Јанушев на Сител, посочувајќи дека тоа е непотребен трошок за граѓаните.
-Јавно кажавме од собраниската седница дека е премногу и дека е непотребен трошок сето ова што се прави. Впрочем, ако видиме во минатото никогаш не било вака, дополнително само ќе се зголемат трошоците кои ги плаќаат граѓаните, а најголем од тие дури и да ги имаме 5 потпретседатели никогаш нема да седнат на спикерското столче-рече Јанушев.
Тој додаде дека кадрите кои што се понудени во составот на новата влада се стари и истрошени и, како што истакна, поврзани со криминални случаи.
-Ќе се спротивставиме на се ова што се обидува СДСМ да го направи повторно во државата. Го слушнавме Заев како кажува дека ова се убедливо најдобрите кадри со кои што располагаат, претпоставувам мислеше на тоа најдобрите кадри со кои што раководството на СДСМ сега располага, бидејќи речиси сите се истите од претходно, оние кои дел од она криминално рекетарска банда која што буквално ја уништи државата, и сега сакаат со буквално истите кадри да продолжат понатаму – порача тој.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ не влегла рамноправно во изборниот процес со СДСМ, бидејќи, посочи тој, власта со Уредба со законска сила го изменила Изборниот законик и го намалила просторот за рекламирање на опозицијата.
-Никој од нас не е ниту слеп, ниту глув во однос на она што се случуваше буквално од предизборието, па буквално и во самата изборна кампања и оние огромни суми на пари, близу една милијарда евра кои што беа поделени за граѓаните како поткуп, уцените, заканите кои што се случуваа на кои што ние кои што учествувавме во кампањата бевме сведоци – рече генсекот на ДПМНЕ.