Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Колку дезинформациите создаваат стрес и паника кај граѓаните покажува и случајот од пред две недели, кога во јавноста излезе информацијата дека од три до девет тинејџери починале во Градскиот парк во Скопје о опојна дрога.
Оваа вест може да се стави на листата на најопасни информации, објавени досега во кои се става во прашање животот на млади лица, а се тоа е само една лажна вест, која предизвика дополнителна паника во ова стресно време.
Дезинформациите, посебно на социјалните мрежи предизвикуваат огромни штети.
„Дезинформациите, како „збир“ на неточни информации, коишто се намерно креирани и објавени на социјалните мрежи и во медиумите, со себе носат голема опасност.
Честопати, корисниците на социјалните мрежи ги споделуваат со само еден „клик“, без да подзастанат и да размислат дали одредена содржина е лажна или не. И токму овде лежи најголемата опасност“, вели Марина Тунева, медиумски експерт во изјава за „Фокус“.
Според неа, разочарувачки е што брзиот трансфер на дезинформации во јавната комуникација ја засилува нивната ефикасност, а последицата од тоа, неретко, е гневна, испаничена, уплашена или дезиориентирана јавност.
„Таков е и примерот со (дез)информациите околу тинејџерите што наводно починале од опојна дрога. Дезинформациите или погрешните информации се особено опасни кога во нивното ширање или, пак, надоврзување се вклучуваат лица што уживаат кредибилитет и доверба кај граѓаните.
Дигиталната технологија само дополнително ги зајакнува овие наративи, коишто на тој начин стигнуваат до многу широка публика. Социјалните медиуми се претвораат во еден вид на машина која е совршено скроена за ширење дезинформации. Но, проблем е што во стапицата, свесно или не, паѓаат и медиуми кои, повикувајќи се на она што е објавено на социјалните мрежи, еднакво учествуваат во манипулирање на јавноста“ тврди Тунева.
ЛУЃЕТО МОРА ДА ЗНААТ ШТО Е ВИСТИНИТО, А ШТО НЕ
Оттука, медиумите кои се придржуваат до начелата на професионално работење имаат голема улога во претставувањето на вистината, вели Тунева.
„Луѓето мора да знаат што е вистинито, а што не. Без активно вклучување на професионалните медиуми во борбата со дезинформациите, но и на сите оние коишто можат да помогнат, како, на пример, образовните институции и граѓанскиот сектор, единствените што ќе зборуваат ќе бидат оние коишто имаат некаков интерес или мотив од креирањето и споделувањето такви содржини.
Секако, голема е и улогата на институциите во навременото информирање на јавноста. Да не заборавиме и дека дезинформациите ќе постојат сè додека е „профитабилно“ да се лаже“, вели
Со истиот став е и Владимир Петрески, уредник на македонскиот Сервис за проверка на факти од медиумите. Тој вели дека ако се забележи некое фрапантно тврдење, прво треба да се провери дали е објавено нешто за тоа.
– Најпрвин проверете дали медиумите објавиле нешто за тоа, ако треба и стрпете се да го сторат тоа, тие се далеку подобро позиционирани за такви информации, дали институциите се изјасниле, отколку некој непознат (или познат) профил на социјалните мрежи.
Направете си ваша проверка и конечно погледнете дали можеби Vistinomer.mk веќе направил проверка на фактите, кои стојат зад таквото фрапантно тврдење за да не бидете дел од проблемот, туку од решението – вели Петрески.
ДВОЕН УДАР ВРЗ ПРОФЕСИОНАЛНОТО НОВИНАРСТВО
Елида Зулбери пак, додава дека според Кодексот на новинарите, кога се известува за смртни случаи и слични семејни трагедии, медиумите треба да го пренесуваат на начин што е објективен, етичен и со почит кон семејствата и пријателите на починатиот.
– Проблемот е уште поголем во овој случај, затоа што освен непочитувањето на Кодексот за делот на сензационализам, тие пренесоа тотално неточна информација, за која мораше да реагира и МВР. Ова е двоен удар врз професионалното новинарство, но и емоционален потрес за сите семејствата каде што има млади – посочува Зулбери.
Како што веќе објави „Фокус“, пред две недели излезе информација дека тинејџери починале од опојна дрога, а многумина ги обвинуваа новинарите дека молчат за масовните умирачки и тврдеа дека на медиумите им е забрането да објавуваат за наводната смрт на средношколците.
Инаку, во меѓувреме се јавија и доста „експерти“ на темата, кои направија стручни анализи за дејствата на разни видови дрога, под кои имаше куп коментари и споделувања. Па така, страшната вест беше експресно раширена.
Додека сите паметуваа на темата, Министерството за внатрешни работи ги демантираше вестите, тврдејќи дека пријава за ваков настан не постои.
„Очигледна е целта на овие пласирани лажни вести – да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните, во случајов кај младите и нивните родители, да нанесат штета на институциите и недоверба кон нив.
Воедно, им благодариме на медиумите што не подлегнуваат на ваквите лажни вести и информациите ги проверуваат во надлежните институции“, истакнаа од МВР.
Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.