Дезинформации на секој чекор: Како лажните вести ги „инспирираат“ младите?

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Тинејџери пронајдени починати во Градскиот парк од опојната дрога фентанил, која им била ставена во пијачки во кафулиња“. Ваква вест пред десетина дена одекна на социјалните мрежи, а со брзина на светлината беше пренесена и на дел од порталите. Дури се споменуваше и бројка од тројца до девет починати малолетници, жртви на дрога.

Информацијата сама по себе е морбидна, а уште поморбиден е начинот на кој беше пренесувана на Фејсбук и на Твитер. Почна оркестрирана хајка.

Многумина ги обвинуваа новинарите дека молчат за масовните умирачки на тинејџери и тврдеа дека на медиумите им е забрането да објавуваат за наводната смрт на средношколците.

Инаку, во меѓувреме се јавија и доста „експерти“ на темата, кои направија стручни анализи за дејствата на разни видови дрога, под кои имаше куп коментари и споделувања. Па така, страшната вест беше експресно раширена.

Додека сите паметуваа на темата, Министерството за внатрешни работи ги демантираше вестите, тврдејќи дека пријава за ваков настан не постои.

Очигледна е целта на овие пласирани лажни вести – да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните, во случајов кај младите и нивните родители, да нанесат штета на институциите и недоверба кон нив.

Воедно, им благодариме на медиумите што не подлегнуваат на ваквите лажни вести и информациите ги проверуваат во надлежните институции“, велат од МВР.

Во случајот, станува збор за страшен настан, кој и да се случил мора да се провери пред што било да се објави.

Не дека во Македонија не се случуваат морбидни работи, не дека не се трудат дел од нив и да се забошотат, но, сепак, овде станува збор за сериозни обвинувања за починати девет тинејџери од опојна дрога во рок од неколку дена.

Масло на огнот дополнително додаде и фејсбук-статусот на професорката Виолета Ачковска, која, исто така, тврдеше дека средношколец од гимназијата „Георги Димитров“ починал откако му била ставена дрoга во пијалакот.

Дали некој знае дека денес се погребува гимназијалец отруен од дрога ставена во пијалак во кафиќ. Дали некој знае уште за неколку слични случаи на деца, кои по халуцинација се фрлат од 5-ти кат и слични самоубиства.

Можеби некој знае, но не оваа јавност која сѐ уште е „траурна“ од смртта на малата Тамара, нека почива меѓу ангелите“, напиша професорката на социјалните мрежи.

Откако нејзината објава предизвика лавина реакции, таа ја избриша, но веќе следниот ден беше повикана во полициска станица на разговор. Таа подоцна изјави дека воопшто не го познавала ниту семејството, ниту него самиот, туку некој ѝ ја прераскажал наводната верзија за „труењето со дрога“.

Сметајќи дека во случајот станува збор за академски кадар, кој нормално не би се истрчал да објави ваква лична трагедија, која ќе додаде сол на рана и на така веќе потресеното семејство, многу од медиумите и ја пренесоа.

И, тоа беше демантирано од МВР, од каде што информираа дека не станува збор за смрт од опојна дрога, туку за пад од висина.

Оттука, доаѓаме со целта во приказната – што предизвикаа овие информации во јавноста, во какво општество растат младите, колку лажните вести прават штета и на така кревкото и страшно секојдневие што се живее и на крај – каква е улогата на медиумите?

КОПИ-ПЕЈСТ НОВИНАРСТВО

Факт е дека едно семејство остана без својот 18-годишен син матурант, што е неизлечива болка. За ваков личен и трагичен настан треба да се известува единствено ако е од висок јавен интерес, а сѐ друго е поткопување на сите етички и професионални новинарски стандарди.

Повеќе од јасно е во какво страшно време живее денешната младина, со какви стравови и опасности се соочуваат, и тие, а и нивните родители, па најмалку што може да се направи е да не се шират дезинформации, кои ќе им создадат дополнителни болки и трауми.

Првичната функција на медиумите е да обезбедат точна, објективна и релевантна информација до јавноста.

Меѓутоа, кога медиумите не ги проверуваат информациите, тоа доведува до ширење невистини, погрешни заклучоци, а во конкретниот случај, ширење и страв и паника, вели во изјава за „Фокус“, Елида Зулбеари, овластен тренер во областа за дезинформации и медиумска писменост во „Метаморфозис“.

Фото: ТВ24

Дезинформациите околу смртта на средношколците уште повеќе ги потресуваат родителите и учениците во Македонија, имајќи го предвид фактот дека во последно време тие беа тероризирани од лажните најави за бомби во училиштата. Првото нешто што требаше да го направат медиумите во овој случај е да проверат што точно се случило, а не да известуваат еден од друг без никаков филтер, во случајот – „копи пејст“ новинарство.

Дезинформациите околу смртта на средношколците се опасни бидејќи можат да ја уништат нормалната средина на младите луѓе, да ги изложат на ризици, да го нарушат нивното ментално здравје, па и на семејствата и целото општество – тврди Зулбеари.

Според неа, многу е важно да се има предвид дека лажните вести, не само што можат да предизвикаат паника, туку можат да ги водат луѓето на погрешни заклучоци и дејствија, особено младите.

Медиумите ги едуцираат младите, па затоа не е етички да пренесуваат информации за методот на вршењето убиство или самоубиство за кои тие сензационалистички известуваа уште во насловот. Неретко се посочуваат детали и за средството со кое е извршено тоа (објавување марка на пиштол, „бренд“ на хемикалија, вид и квантитет на злоупотребени лекови или дрога итн.).

Тоа, според професионалното новинарство, не мора да се пренесува, нема никаква релевантност, на тој начин само им се „даваат идеи“ на младите. Исто така, деталното или сензационалистичко известување за „самоубиствени локации“ може да биде сфатено како нивна медиумска промоција. Непрофесионално е метафорично да се претставуваат таквите локации како „магнет – додава Зулбеари.

 ИМ СЕ ДАВААТ ИДЕИ НА МЛАДИТЕ

И додека три дена во јавноста кружеа секакви морбидни информации на темата, се јави и мајката на починатиот средношколец, која само истакна дека се кае што дозволила нејзиниот син да израсне во таква држава како Македонија, без да даде дополнително повеќе детали за причините за смртта.

Тоа уште толку ги разгоре „куцачите на тастатура“, па муабетите се движеа од отруен со дрога, па сѐ до извршено самоубиство, нешто за кое треба да се размисли илјада пати, пред што било да се напише. А отидоа во таква крајност, со што целата таканаречена хорор-приказна заврши со лажна вест – дури девет тинејџери отруени и починати од дрога.

Дезинформацијата за наводни „пронајдени починати средношколци во Градскиот парк во Скопје поради употреба на дрога“, кои МВР најостро ги демантираше претставува урбан мит, кој одвреме-навреме испливува на јавната сцена и тоа, пред сѐ, во урбани средини ширум светот, и тоа во најголем дел таму каде што едукацијата на јавноста за спецификите со проблемот на злоупотребата на забранетите наркотични супстанци е на ниско ниво.

Ваквиот урбан мит е резултат токму на тој неедуциран страв, засилен со прималниот и еволуциски заштитнички инстинкт на постарите за заштита на децата и младите, кои се главни актери во овој урбан мит, како популација поранлива на злоупотребата на опојните дроги – тврди во изјава за „Фокус“, Владимир Петрески, уредник на македонскиот Сервис за проверка на факти од медиумите.

На ова се надоврзува и Дехран Муратов од „Цивил“, кој постојано „лови“ лажни вести на социјалните мрежи, на Фејсбук и на Твитер и знае како функционира целата шема.

Според него, дезинформациите за умирање од „предозираност“ или „фрлање од тераса“ може да предизвикаат големи штети кај младите.

– Како пример ќе наведам дека неколку млади што беа инспирирани од лажните закани за бомби, решија да бидат „мангупи“ и „во тренд“, па и тие пријавуваа закани за бомби во училишта, но веднаш беа откриени од надлежните институции.

Затоа за ваквите сензитивни теми, медиумите треба многу внимателно да ги обработуваат, бидејќи треба да се води сметка да не им се даваат погрешни идеи на младите – вели Муратов.

ПОЛИТИКА И ВО ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ

Но, како и сѐ во Македонија, така и страшната вест за смртта на матурантот наеднаш доби и политички контекст.

Универзитетската професорка Ачковска, која од времето е позната како една од основачите на неформалната иницијатива ГДОМ, како еден од „бранителите“ на Македонија, на својот фејсбук-статус ја искоментира и смртта на малата Тамара Димовска од Велес, сакајќи да каже дека актуелната владејачка гарнитура за нејзината смрт барале оставки и се кревале на протести, а сега молчат.

Откако прекинаа речиси секојдневните лажни закани за бомби во училиштата, видовме дека се создаде масовна хистерија на социјалните мрежи дека средношколци умираат од дрога, со дополнителни коментари дека за тоа се виновни власта предводена од СДСМ и ДУИ, МВР, Оливер Спасовски итн.

Но, за жал, во таа пропаганда се вклучија јавни личности, а дел од медиумите ги објавија нивните статуси, без да проверат дали е навистина така. Социјалните мрежи и одредени медиуми се претворија како „селска чешма“, каде што се пренесува секоја шпекулација и дезинформација – додава Муратов.

Од друга страна, Петрески тврди дека кога еден урбан мит на одредена тема ќе се појави во јавниот дискурс, тој ги поттикнува неинформираните, лошо информираните и малку информираните што нешто слушнале, ама не поседуваат конкретни детали да почнат и тие да ги споделуваат своите урбани митови.

– Кога на тоа, пак, ќе се накалеми најефикасната машина за ширење гласини, озборување и дезинформации во историјата на човештвото – социјалните мрежи, се добива каскаден и мултиплицирашки механизам за нивно ширење теории на заговор, карактерни атентати, говор на омраза, дискриминациски говор, клевети и навреди, повици за линч и насилство, измами и што сѐ не друго – вели Петрески.

Тоа не се случува само во Македонија, туку во целиот свет, каде што врие од лажни вести.

Директорот на технолошкиот гигант Епл, Тим Кук, во неколку наврати досега ги повика владите ширум светот да почнат кампања за подигнување на свеста кај јавноста за борба против пласирањето лажни вести, кои, според него, ги убиваат човечките умови.

Минуваме низ период кога, за жал, одредени личности се обидуваат да добијат најмногу прегледи, односно „лајкови“ на социјалните мрежи, на разни портали, на веб-страници, без разлика дали ја говорат вистината или не, што е поразително и мора заеднички да се избориме против тоа – порача Кук.

НИКОЈ НЕ СНОСИ ОДГОВОРНОСТ

 Социјалните мрежи се претворија во „медиуми“, па првите информации секогаш доаѓаат од таму, без разлика дали се точни или не. Тоа што е трагично во целата приказна е кога се работи за лични семејни трагедии и самоубиства, теми што се сензитивни, па првото прашање што се поставува е дали е воопшто етички да се известува?

Но, социјалните мрежи се бескрупулозни. Денес сите се вклучени на интернет и секоја информација се шири со брзина на светлината, без да се понесе одговорност за тоа – дали е точна, дали ќе нанесе болка или штета на некое семејство.

Посебно на удар се младите, од кои некои страдаат од булинг во училиштата, како што повторно прво се објави на Фејсбук за средношколецот, овојпат од гимназијата „Корчагин“, кој сам си пресуди.

И тоа помина со голема помпа и сензационализам, а го објавија дури 90 отсто од медиумите без да ги проверат информациите дали и колку се точни. И ова дојде објавено како статус од академски кадар, во овој случај од универзитетската професорка Мимоза Ристова:

Еден ученик од гимназијата „Корчагин“ си го одзеде животот – тага невидена (ги зел оценките и си пресудил)

  1. МОН и Образовен инспектор веднаш да преземе вонреден инспекциски надзор (ама сериозен). Да ги анкетира учениците и да го лоцира проблемот со помош на експерти по психологија. Постојат професори што им прават булинг и мобинг на учениците, им ја разнишуваат самодовербата и ги носат во очај и смрт.

Во сите гимназии има вакви гадни ликови што треба да се отстранат. Во нашава држава, ученици и родители се плашат да пријавуваат зашто знаат дека никој ништо нема да преземе за да ги заштити, туку напротив, ги чека одмазда од гадот/гадурата, кој/која на нив лечи лични фрустрации“, пишуваше пред неколку месеци Ристовска.

Повеќето од медиумите се истрчаа, веднаш ја објавија веста и ја цитираа професорката, но за кратко време ја избришаа. Тоа предизвика револт кај семејството на починатиот средношколец, но отвори и прашања – како да им се помогне на младите да не си посегнат по сопствениот живот, ако се жртви на булинг?

Веста ги „запали“ социјалните мрежи, а тоа предизвика мрежа од лажни вести и дезинформации, кои нанесоа поголема штета, отколку што придонесоа да се зголеми свеста за едукација на младите, кои поминуваат низ тежок период во животот.

Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

 

Поврзани новости